Вицепремиерот Анѓушев, министерот за образование Адеми и швајцарската амбасадорка Сутер на конференција за образование – Потребно е поголемо вклучување на приватниот сектор во стручното образование

18 декември 2019


Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, министерот за образование и наука, д-р Арбр Адеми и амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-а Сибил Сутер, учествуваа на конференцијата „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила“, дел од Проектот за образование за вработување во Северна Македонија, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Вицепремиерот за економски прашања посочи дека образованието е еден од клучните фактори за одржлив и поинтензивен економски развој, пришто дополни дека образовниот систем, каков што беше затекнат на почетокот на мандатот, особено во средното стручно образование, не ги задоволуваше реалните потреби на стопанството и економијата.

„За да можеме да ги решиме проблемите, прво мора гласно да ги кажеме и гласно и јасно да ги детектираме. Мислам дека во последните неколку години општествово стана свесно за проблемите во образовниот процес и направени се неколку чекори коишто јас ги сметам за првични чекори во насока на реформа на образованието. Тоа се првични чекори и сметам дека мора многу побрзо и подинамично да пристапиме кон реформите бидејќи светот и економијата не чекаат на нас, ние треба да се прилагодиме на нив, а тој процес е многу динамичен“, нагласи Вицепремиерот Анѓушев.

Зборувајќи за конкретни чекори за реформи во средното образование, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека е направен концепт со кој средното образование треба биде поставено на три столба: гимназиско, во кое би биле опфатени од 30-40% од средношколците, додека останатите средношколци да посетуваат настава во средните стручни училишта и да добиваат знаења преку концептот на дуално образование, односно учење преку работа. За тоа, потребно е да се усогласат наставните програми, да се извршат реформи во образовниот процес и да се подигне свесноста на граѓаните, дека стручното образование не е за губитници, туку со тоа се добива конкретна струка и знаење со кое може достојно да се заработува.

„За мене една посета во Швајцарија беше исклучително корисна, покрај образовните системи на Австрија и Германија, го запознав и швајцарскиот систем. Неверојатни над 67% од средношколците се во дуалното образование во Швајцарија. Тоа не значи дека сите тие ќе завршат како луѓе што немаат перспектива да одат на универзитети или да бидат раководители во фирми, тоа се луѓе сакаат да се занимаваат со тоа што го сакаат. Не е среќата сите да бидат доктори и адвокати, па и не можат сите во државата да бидат доктори, адвокати и менаџери. Мора да има и  други кадри. Секој треба да си ја најде среќата и да може со тоа достоинствено да живее. Денес верувајте секој кој што ќе се одлучи да биде во дуално образование, ви кажувам дека тој во иднина ќе има добар живот затоа што ќе биде сигурно вработен, ќе има сигурна струка а тоа што во иднина ќе се вреднува е дали имате компетенција, не дали имате диплома“, подвлече Анѓушев.

Министерот за образование и наука д-р Арбр Адеми потенцира дека не е возможно квалитетно стручно образование без вклученост на бизнис заедницата, односно на претставници на секторот за кој всушност се гради и продуцира работната сила во средните стручни училишта.  

„Кога ја започнавме реформата на четиригодишното средно стручно образование, побаравме вклученост на бизнис заедницата во текот на целиот процес. Заедно нотиравме потреби за промени, креиравме план со активности и почнавме да го спроведуваме. Денес, имаме целосно реформирано две, три и четиригодишно средно стручно образование во кое се применуваат современи, модуларно дизајнирани наставни програми со фокус на практична обука на ученикот, односно на учење преку работа кое овозможува најефикасно стекнување на практично применливи вештини, затоа што истите се развиваат  директно на работно место во компаниите. А во меѓувреме го прифативме и концептот на дуално образование кој веќе долги години наназад се применува во многу од високо развиените земји и тој постепено се шири, иако потребно е забрзување на процесот.  Сработивме многу и мислам дека нема да биде субјективно, ако речам дека реформите кои ги спроведовме, теоретски се одлични. Но, тоа не е доволно. Одлично ќе биде кога целосно ќе бидат имплементирани, односно тоа што е сработено и ќе се примени во пракса со опфат на сите средни стручни училишта“, додаде министерот Адеми.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Сибил Сутер посочи дека Швајцарија е позната по тоа што е најконкурентната економија во светот веќе 9 години по ред. Очигледно е дека една од клучните причини за ова е квалификуваната работна сила благодарејќи на добро развиениот систем за стручно образование. 

„Во Швајцарија приватниот сектор игра клучна улога во сите фази на стручното образование. Ова вклучува развој на наставните програми и нивна имплементација, издавање сертификати и финансирање на стручното образование. Одговорноста што ја има приватниот сектор во создавањето на идната работна сила во Швајцарија најмногу се гледа во приемот на стажанти во претпријатијата. Но вклученоста на приватниот сектор не е само на ниво на компании; всушност, коморите и другите професионални здруженија играат значајна улога во швајцарскиот систем за стручно образование. Стручното образование не е обврска само на едната страна, туку претставува партнерство меѓу државата и приватниот сектор. Затоа, веруваме дека за квалитетен систем за стручно образование што е барано на пазарот, потребно е партнерство меѓу приватниот и јавниот сектор“, кажа амбасадорката Сутер.

English
АКТУЕЛНОСТИ: