ПВРСМ Спасовски, ЗПВРСМ Царовска, ДЗМТСП Шкријељ, директорката на УЈП Лукаревска и градоначалникот Бочварски во посета на компанијата„Албатрос“ во Штип-Зголемувањето на минималната плата и мерката за субвенционирање на придонесите даваат одлични резултати

21 јануари 2020


Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, директорката на Управата на јавни приходи, Сања Лукаревска и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, во рамките на активностите во пресрет на Владината седницата која што ќе се одржи во Штип, остварија посета на текстилната компанија Албатрос, кадешто се сретнаа со менаџментот и го посетија производствениот погон на компанијата.

Премиерот Спасовски, по извршената посета, во изјава за медиумите, потенцираше дека Владата, заеднички со здруженијата на работодавачите и синдикалните здруженија, посветено работат за една иста цел: како да се подобрат условите и за работодавачите и за работниците и како една една од најважните придобивки на оваа заедничка соработка го издвои изграденото силно партнерство, коешто недостигаше на македонското општество во изминатиот период.

„Во изминативе две и пол години започнавме многу важни процеси и ќе продолжиме и понатаму да ѝ помагаме на економијата, на работодавачите, да ги отстраниме пречките во развојот на бизнисите, а од друга страна, да ги заштитиме работниците и работничките права. Тие две работи се поврзани, зашто ако еден од овие партнери е незадоволен, значи немаме резултати. Тука со нас е претставникот на работодавачите, а имаме и претставник на работниците и заедно ги согледуваме сите потреби што се однесуваат на текстилната индустрија. За Штип, за текстилната индустрија беше многу важно да се дефинира минималната плата. Горд сум што Владата успеа да ја крене минималната плата за 60% и таа денес изнесува 14. 500 денари. Меѓутоа, не треба да застанеме тука, туку треба со дијалог да продолжиме да ја зголемува минималната плата, како што ќе се менуваат условите за водење бизнис во државата и како ќе расте економијата. Мошне значаен момент е тоа што за првпат се изедначува минималната плата за сите гранки и за кожарската и за текстилната индустрија, што досега не беше случај“, потенцира претседателот на Владата, Оливер Спасовски.

Вицепремиерката за економски прашања Царовска, посочи дека по донесувањето на законот за субвенционирање на придонесите во случај на покачување на платите и покачување на минималната плата, работите во текстилниот сектор се стабилизираат.

„Оваа Влада не прави ниту еден чекор којшто е надвор од консултации или насилен чекор којшто ќе значи наметнување на одредени политики, или за работниците или за работодавачите. Токму низ тој социјален дијалог покажавме дека ја донесовме минималната плата, којашто денес е 14.500 денари и којашто е во насока на подобрување на квалитетот на живот на работниците, никако на товар и со притисок на работодавачите туку напротив паралелно донесовме една политика на субвенционирање на придонесите на платите и нивното растење до 6000 денари, да може во суштина да ги намалиме притисокот и за растот на другите плати над минималната плата. И видовме дека таа искористеност е одлична или дека минатиот месец исплативме повеќе од 45,000 вработени коишто добија зголемување на плата. Со ваков тип на дијалог навистина обезбедуваме да компаниите растат, но притоа на сметка на тоа да растат и платите на работниците и да можеме економијата и развојот и динамиката во нашата држава да биде се позасилена и подобра“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Директорката на УЈП, Лукаревска исто така потврди дека владините субвенции и сите оние мерки кои придонесуваат за унапредување на стандардот во нашата држава ги даваат своите резултати.

„Покрај зголемувањето на минималната плата исто така може да кажеме и за успешност на мерката за субвенционирање на придонесите за повисоки плати. Доказ за успешните политики што ги спроведува и ќе ги спроведува Владата на Република Северна Македонија е тоа што сакаме да изградиме и градиме континуирано партнерски однос меѓу институциите, меѓу Владата и бизнис заедницата. Со унапредување на економските мерки ќе имаме и повисок стандард за работниците, задоволни работодавачи и исто така успешна и економски стабилна држава во којашто живееме сите“, рече Лукаревска.

Претставничката на работниците, Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“, ја истакна гордоста што пред три и пол години со сега сегашната вицепремиерка Царовска, се зборувало за нормиран учинок од кој зависеше тогашната минималната плата од 9000 денари, а сега веќе минималната плата достигна 14.500 денари и работодавачите не смеат да исплатата пониска плата.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи посочи дека во текстилниот кластер има многу компании коишто ги почитуваат работничките прави и сите социјални и економски стандарди, а компанијата Албатрос е токму еден ваков пример.

„Законот за субвенционирање на придонесите за пораст на платите се гледа дека функционира и во компаниите што го направија тој пораст заради законот за минимална плата, на еден начин, поради законски обврски, но и во компаниите кои тоа го направија за да ги мотивираат своите работници и да работат попродуктивно. И во двата случаи, законот ги охрабрува работодавачите да преземаат такви мерки, да вложуваат во подобра автоматизација, во подобри услови, во подобро производство и да ги зголемат платите. Само така, може да се носиме со странската конкуренција и да ги задржиме добрите работници во нашата држава“, рече Димитров.
 

Линк до видео од изјавата на ПВРСМ Спасовски:

Линк до видео од изјавата на ЗВРСМ Царовска:

Линк до видео од изјавата на директорката Лукаревска:

Линк до видео од изјавата Ангел Димитров:

Линк до видео од изјавата на Кристина Апмпева:

English
АКТУЕЛНОСТИ: