Вицепремиерката Царовска и заменичката министерка Наумовска во посета на ОЕМУЦ Наум Охридски - Креираме концепт за дуално образование прилагоден на локални услови

22 јануари 2020


Заменичката претседателка на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заменичката министерка за образование и наука Елизабета Наумовска и директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс го посетија Општинскиот електро-машински центар "Св. Наум Охридски" во Охрид, едно од техничките училишта во кои се спроведува проектот за дуално образование на Делегацијата на германското стопанство.

Вицепремиерката Царовска посочи дека Владата и Министерството за образование и наука се посветени на креирање на соодветен систем на дуално и стручно образование, со коешто би се продуцирале квалитетни и добро обучени кадри, особено од техничките струки, за задоволување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

"Еден од најголемите предизвици за економски раст и развој на Северна Македонија, е наоѓање на соодветен и добро обучен кадар за реалните потреби на стопанството. Во моментов спроведуваме проект за финансирање на техничкото образование, а тенденција е да креираме квалитетен систем на дуално образование, во согласност со реалните состојби и потреби на македонското стопанство. Би сакале до почетокот на новата учебна година да креираме систем кој би го имплементирале на територијата на цела држава и со кој би се создавале добро образувани и остручени кадри за потребите на индустријата", нагласи вицепремиерката Царовска.

Заменичката министерка за образование и наука Елизабета Наумовска посочи дека министерството веќе спроведува проект за развој на вештини и поддршка на иновации (SDIS), кој се спроведува во соработка со Светска Банка, а со кој се овозможува набавка на опрема за спроведување на техничко образование.

"Преку овој проект се набавува техничка опрема за спроведување на практична настава за потребите на училиштата, во вредност од 20-30 илјади евра за секое стручно училиште, а вкупната вредност на проектот е околу 6 милиони евра. Во 

изминатите 2 години, многу повеќе е инвестирано во средното образование, отколку во претходните 10 години", нагласи Наумовска.

Директорот на делегацијата на Германското стопанство, Патрик Мартенс, кои го спроведуваат проектот за дуално овразование, посочи дека е важно Владата заедно со локалната власт и приватниот сектор да работат и на креирање на систем, но и набавка на соодветна опрема за спроведување на практична настава за учениците во средните стручни училишта.

„Пред 2 години започнавме со проектот во Охрид и Кавадарци, со 4 вклучени компании, а денес проектот се спроведува во 5 града и 10 вклучени компании. Ме радува што е подигната свеста кај родителите кои го прифаќаат дуалното образование како добра опција, и навистина е така, затоа што преку овој тип  на образование учениците ги добиваат потребните вештини и знаења за професии побарувани од пазарот на трудот како што се мехатроничар, машински техничар и други технички професии“ , рече директорот на делегацијата на германското стопанство Мартенс.

За време на посетата се одржа средба со директорите на компаниите ОДВ Електик, ЛТХ Леарница и Костал, како и со претставници на локалната самоуправа и наставници кои спроведуваат пракса, на кој што се дискутираше за можностите и предизвиците на дуалното образование.

 

Линк до инсерти од посетата на ОЕМУЦ  „Св. Наум Охридски“ : 

Линк до видео од изјави на ЗПВРСМ Царовска, ЗМОН Наумовска и директорот на делегацијата на германското стопанство Мартенс: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: