Вицепремиерката Царовска и Владин економски тим на средба со Советот на странски инвеститори – Ги решаваме барањата на странските компании, продолжуваме преку заеднички дијалог да одговараме на нивните потреби

31 јануари 2020


Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со министрите за странски инвестиции Зорица Апостолска, д-р Елвин Хасан и д-р Бардуљ Даути, директорите на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Арбен Вила, на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, претставници од Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Царинската управа и други органи на државната управа, остварија средба со претставници на компании-членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонја.

Вицепремиерката Царовска посочи дека на оваа средба ќе биде презентирана анализа на реализирани барања и предлози од „Белата книга 2018“ на Советот на странски инвеститори, а воедно ќе се дискутира со претставниците на странските компании за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење и за решенија како тие предизвици да се надминат.

„Ние како Влада ги анализиравме сите предлози доставени од Советот на странски инвеститори, направивме пресек и на овој состанок ќе дискутираме што е направено, а што останува како предизвик да се реализира. Сега ја анализиравме „Белата книга“ на Советот, онаа што ја издадоа во 2018 година и сме на добра стартна позиција, бидејќи Владата и другите државни органи веќе имаатт реализирано околу 10% од нивните барања, а околу 60% се во процедура. Голем дел од барањата и предлозите се поврзани со законска регулатива што е дел од трудовото законодавство, здравје и безбедност на работа и новиот Закон за работни односи, којшто го создававме заедно со стопанските комори и голем дел од барањата во Белата книга, веќе се имплементирани во новото законско решение. Очекуваме по составот на новата Влада, Закното за работни односи да биде ставен во Парламентот на усвојување“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

Претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на ЕВН, Штефан Петер, посочи дека состанокот со вицепремиерката и владиниот тим се одржува во вистинско време и дава импулс дека и покрај тоа што се наоѓаме во предизборен период, стопанството треба да продолжи да работи и да се развива со предвидената динамика.

„Овој состанок е мошне важен за Советот на странски инвеститори и доаѓа во вистинско време, зашто сите го почитуваме Пржинскиот договор и Парламентот ќе почне со пауза, но глобалната економија, економијата во Северна Македонија не се на пауза и бизнис секторот не запира. Затоа сум благодарен што на оваа средба може да дискутираме за економските реформи што се неопходни, а што се прикажани во нашата Бела книга од 2018. Ги повикувам сите мои колеги, претставници на домашни и странски компании, да не чекаат со носењето одлуки, да не чекаат да завршат изборите, туку да дејствуваат сега. Бизнисот мора да функционира и да се развива“, потенцираше Петер.

Одговорајќи на новинарско прашање, претседателот на Советот на странски инвеститори рече дека два главни предизвици кои стојат пред Владата и компаниите во наредниот период се царинските давачки и миграцијата на работната сила во други земји. Надминувањето на овие два предизвици се можни само доколку постои тесна соработка помеѓу Владата, државните органи и бизнисот, заклучи Петер.

Вицепремиерката Царовска посочи дека активно се работи на мерки со кои ќе се зголемува вработливоста на невработените лица во Северна Македонија, со цел на усогласување на побарувачката и понудата на пазарот на трудот и натамошно намалување на стапката на невработеност, но и повисока продуктивност и конкурентност на компаниите од земјата.

„Токму затоа и претходно како Министер за труд и социјална политика и сега како Вицепремиерка за економски прашања, работам на усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд и тоа се гледа преку инвестициите во оперативните мерки за вработувања коишто се ад-хок усогласувања на потребите на пазарот за труд за брзо преквалификување и доквалификување на работната сила, но исто така работиме и со Министерството за обраование и наука и нашите меѓународни партнери и бизнис секторот за воспоставување на системско решение за образование во техничките и стручните училишта усогласено со современите потреби на бизнис секторот“, потенцираше вицепремиерката за економски прашања.

 

Линк до видео од изјави на вицепремиерката Царовска и претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер:

АКТУЕЛНОСТИ: