Средба на вицепремиерот Кочо Анѓушев со сенаторот Кристофер Марфи: Владеењето на правото е предуслов за привлeкување на странскиот капитал

14 ноември, 2017 година

На маргините на првиот ден од Трансатлантскиот економски форум,  насловен како „Градење на мостови на Медитеранот“, кој се одржува во Вашингтон, САД, потпретседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со Сенаторот Кристофер Марфи.

Вицепремиерот Анѓушев го запозна сенаторот Марфи со реформските  активности на Владата на Република Македонија, нагласувајќи ја силната посветеност кон што побрза евроатланска интеграција на земјата.

„Владеењето на правото е предуслов за привлекување на странски капитал. Владата од првиот ден ги превзеде сите чекори со кои се гарантира стабилна и поволна бизнис клима. Инвеститорите од Америка се добредојдени да инвестираат во Македонија“, нагласи Анѓушев.

Тој посочи дека Владата на Република Македонија е фокусирана кон целосно враќање на довербата на граѓаните во институциите и подвлече дека иднината на земјата е во членството во НАТО и во Европската  Унија.

Кристофер Скот Марфи е истакнат член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД и е одличен познавач на состојбите во региониот на Југоисточна Европа.

Марфи истакна дека САД ги подржува реформските процеси во Република Македонија, нагласувајќи го интересот на официјален Вашингтон за безбеден и стабилен регион, целосно интегриран во НАТО и во ЕУ.

Изразувајки благодарност до сенаторот Марфи за поддршката на стратегиските приоритети на Владата на Република Македонија, вицепремиерот Анѓушев посочи дека очекува конструктивниот пристап и помошта на Соединетите Американски Држави да продолжи и понатаму во насока на полноправно членство на земјата во НАТО.

Денес за време на Трансатлантскиот економски форум, вицепремиерот Анѓушев ќе има излагање на панелот: „Македонија: вртење на нова страница“.

English