Димковски: Третиот пакет економски мерки нуди поголема поддршка на земјоделците за нови приходи од плодната македонска земја

22 мај 2020


Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, одржа прес-конференција, на којашто беше презентиран третиот столб од новиот пакет економски мерки, а којшто е наменет за поддршка на земјоделството. Министерот Димковски, посочи дека по завршување на здравствената криза, треба да продолжи развојот на земјоделството, да се искористат сите потенцијали, кои ќе овозможат заживување на секторот после кризата, поголемо производство на земјоделско-прехранбени производи, продолжување на инвестициите.

„Во периодот што следува, за земјоделците е важно да имаат рентабилно земјоделско производство, помали производствени трошоци, а поголеми приходи. Затоа, го зголемивме покривањето на трошоците за набавка на зелена нафта, од досегашните 30% на 50%. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 50.000 земјоделци, а вредноста изнесува 4,6 милиони евра. Обезбедена поддршка од 5 милиони евра, преку поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија. Се работи за веќе постоечка редовна кредитната линија, за којашто сега се подобрија и олеснија кредитните услови. Конкретно, се зголеми максималниот износ за кредит од досегашните 300.000 на 500.000 евра. Рокот за отплата на кредитот е зголемен на 24 месеци за кредити за обртни средства, односно на 10 години за кредити за основни средства. Кредитите се со фиксна поволна каматна стапка од 2 %“, изјави министерот Димковски. Притоа, министерот Димковски посочи дека за оваа постоечка линија од Развојната банка на Северна Македонија, со подобрени услови, можат да аплицираат микро, мали и средни претпријатија кои вршат:

•          примарно земјоделско производство,
•          преработка на земјоделски производи,
•          извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки

„Се воведува поддршка за семејниот агробизнис, преку финансирање на старт ап семејни винарии и фарми. Преку новата Програма, отвораме можност за добивање на грантови до 10.000 евра, за опрема за преработка и маркетинг на вино, растителни, месни и млечни производи“ - рече министерот Димковски. За да можат да ги користат грантовите, земјоделците ќе треба да се регистрираат согласно правилниците:

Правилник за мали винарии во МЗШВ и Правилниците за флексибилност за производи од животинско и растително потекло во АХВ.

Грантовите освен за вино, млеко и месни производи, наменети се и за производство за нетрадиционални производи, ароматични, лековити и зачински билки.

Ќе се овозможи продажба на државното земјоделско земјиште и со овој модел, земјоделците и стопанствениците ќе имаат поголема сигурност и предвидливост во производството, како и можност да бидат кредитоспособни за да влезат во нови инвестиции и да можат да конкурираат за мерките од Националните и европските програми.

Една од мерките се однесува на издавање на пасиштата на долгорочен закуп. На овој начин сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот, ќе имаат стабилност во производството и можност за користење на субвенции за одржување на пасиштата.

„Во насока на искористување на сите потенцијали и производство на нови продукти, ќе ги стимулираме винариите да произведуваат алкохолен дестилат, кој подоцна ќе биде искористен од домашните хемиски компании за производство на средства на дезинфекција.

Преку јавно приватно партнерства во главните извозни гранки, лозарството, тутунскиот сектор и градинарството, ќе овозможиме побрз развој и определена стабилност токму во годините кога се соочуваме со вишок на производство. Мапирани се капацитети кои можат да бидат обновени и модернизирани и крајно ставени во функција во производство на преработки од тутун, грозје и градинарски производи. На краток рок се очекуваат инвестиции од 10 милиони евра, што ќе значат бенефит, не само за земјоделците туку и за бруто-домашниот производ.

Со 50 милиони евра, кредит од Светската банка, ќе го модернизираме нашето земјоделство, и ќе ја зголемиме конкурентноста и профитабилноста. Дел од оваа сума ќе се искористи за изградба на откупно дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен“, заклучи министерот Димковски на денешната прес-конференција.

 

Линк до прес конференција:

English
АКТУЕЛНОСТИ: