ФИТР: Поттикнуваме инвестициски циклус од 14 милиони евра кај домашните компании за економско заздравување на државата

22 мај 2020


Инвестиции од речиси 14 милиони евра ќе реализираат домашните компании на јавниот повик за Технолошки развој на Фонд за иновации и технолошки развој, по редовна и скратена постапка, 69 компании вложуваат во технолошки развој околу 10 милиони евра сопствени средства, додека делот на ко-финансирање на ФИТР е над 4 милиони евра. Со овој модел на финансирање на секое 1 евро јавни средства, компаниите вложуваат по 2.2 евра од приватни извори.

„Ова покажува дека имаме домашни компании кои и во услови на криза се подготвени да инвестираат во прилагодување и развој, а со тоа и во побрзо заздравување на домашната економија. Побрзо надминување на кризата не само за вработените во овие компании, туку за сите наши сограѓани“, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот и додаде дека ова е добар модел кој треба и понатаму да се развива. Овој модел подразбира целосно вклучување на приватниот капитал, банките во заздравување на економијата, што во изминатите месеци беше, во голема мерка, на товар на државата.

Од одобрените 69 инвестициски проекти, најголем дел 11 се во областа на медицината и здравството, што покажува дека државата и приватниот сектор сега вложуваат во зајакнување на капацитетите за справување со последиците од кризата и подготвеност во иднина. Финансиската поддршка за овие 69 компании се однесува за воведување на нови технологии во работењето со што се зголемува конкурентноста и ефикасноста во нивното работење. Компаниите вработуваат околу 1.800 лица и се очекува да ги реализираат своите инвестиции во следните 12-18 месеци. Најголем дел од компаниите се микро и мали (над 80%), а доминираат оние што се регистрирани во Скопје (50% од одобрените проекти).

Директорот Деспотовски истакна дека го охрабрува бројот од 55% од компании што се јавиле по втор или повеќе пати на јавните повици на Фондот, а сега се помеѓу оние за кои е донесена позитивна одлука. Тоа укажува на постепено менување на менталитетот на домашните компании кон поголема упорност, но и зголемена доверба во процедурите на доделување на средства од Фондот. Само 3 компании од оние чии проекти се одобрени се или биле досега корисници на средства на Фондот, што говори дека кругот на корисници на средства постојано се проширува.

Одлуката за ко-финансирање е донесена од Комитетот за одобрување на инвестиции, составена од петмина странски експерти, а врз основа на однапред објавени критериуми: ниво на технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот. Компаниите чии инвестициски планови не се одобрени за финансирање во оваа фаза добиваат мислење од страна на Комитетот, по кое може да се произнесат, а со тоа добиваат можност за повторно разгледување или учество по скратена постапка во некој од следите повици.

На прес-конференцијата беа презентирани и дел од анализите на Фондот за резултатите од досегашната работа, а во контекст на креирање на нови мерки за натамошна поддршка на економијата. Вкупното портфолио на ФИТР, заклучно со април е 343 поддржани компании со вкупен обем од 63 милиони евра. Речиси 27 милиони евра се сопствено учество на компаниите и на банкарскиот сектор, додека останатиот дел е учество на Фондот.

„Ова е за 63 пати повеќе од периодот 2015-2017 година и е показател дека со вистински таргетирана политика, која ја креираме со сите релевантни фактори како стопанските комори и меѓународните институции домашните компании стануваат поконкурентни. Овие бројки покажуваат дека има сериозен потенцијал во домашната економија оваа економска криза да ја пребродиме побрзо отколку што очекуваме,“ изјави Деспотовски.

Особено позитивен резултат во однос на ефектите е податокот дека овие компании финансирани од Фондот во 2019 година уплатиле по однос на данок на добивка, данок на доход и придонеси уплатиле речиси над 17 милиони евра. Оваа бројка е за околу три милиони евра поголема од износот уплатен по овој основ споредено со 2018 година.

ФИТР дополнително спроведе и анализа на работењето и ефектите од вложувањето во домашната економија. Со анализата се опфатени 205 компании со најмалку една година од почетокот на реализација на инвестицијата. Според оваа анализа кај компаниите е регистриран пораст на приходи од 11%, пораст на добивка од 71%, пораст на бројот на вработени од 6%, но и пораст на плати од 11%.

Деспотовски најави и дека Фондот до Владата веќе има доставено предлог мерка која е дел од третиот економски пакет. Тој очекува дека до крајот на следната недела компаниите веќе ќе може да аплицираат за овој инструмент наменет за полесно надминување на последиците од здравствената криза.

 

Линк до прес конференција:

English
АКТУЕЛНОСТИ: