Вицепремиерката Царовска и градоначалничката Петровска во увид на реконструкција на „Офицерскиот дом“ во Битола – Градот ќе добие модерен културен дом атрактивен за домашни и странски туристи

12 јуни 2020


Заменичката на претстедателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, придружувана од градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, денес ја посети оваа општина, кадешто направија увид во текот на градежните работи на потпроектот за „Реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување“. 

Овој потпроект, кој е во вредност од 959 илјади евра е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, се спроведува со финансиски средства на Владата на Република Северна Македонија и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светска банка.

По извршениот увид на текот на градежните работи, Вицепремиерката за економски прашања посочи дека „Офицерскиот дом“ е објект кој има голема историја и душа и со неговото завршување се очекува да се зголеми атрактивноста за привлекување на домашни и странски туристи во градот.

„Наша интенција како Влада е да инвестираме во локалниот и регионалниот развој. Со овие инвестиции, ја придвжуваме и локалната и регионална економија. Ваквите објекти, нивното одржување и промоција, создавањето на приказни за нивната историја, може да привлечат и домашни и меѓународни туристи, со што би се придвижила локалната економија. Владата, во партнерство со Делегацијата на ЕУ и канцеларијата на Светска банка, инвестираше околу 960 илјади евра во реконструкција на „Офицерскиот дом“, со очекување од наредната година да се креира програма со културни и други содржини, која ќе се понуди и на Битолчани и на сите останати граѓани на нашата држава“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска истакна дека „Офицерскиот дом“ е исклучително важен објект за градот. Таа рече дека општината за зголемување на атрактивноста на оваа локација реализира и други проекти, како што се уредување на канализацискиот систем, реконструкција на околните улици и партерно уредување на околината.

„Покрај оние 58 милиони денари кои се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност, за реставрација на „Офицерскиот дом“, општина Битола обезбеди дополнителни 2 милиони денари за современ канализационен систем, со кој домот ќе биде приклучен до градската канализациона мрежа. Воедно сакам да истакнам дека проектот за реконструкција на улицата „Македонска фаланга“, којашто е во непосредна близина на овој објект, е целосно завршен, сега е на ревизија, по што следуваат активности за контролирано регулирање на сообраќајното решение за овој дел од градот. Се предвидуваат и зафати на хортикултурно партерно уредување, а со завршување на сите активности овој дел од градот ќе добие една сосема поинаква слика, сосема поинаква душа, а притоа да не се изгуби она што како традиција сме го имале во минатото и кое е многу значајно за Битолчани. “, нагласи градоначалничката Петровска.

Со реконструкцијата на „Офицерскиот дом“, Битола ќе добие модерен дом на уметноста, каде ќе се реализираат низа на културни настани, а каде ќе може да се организираат и настани на невладини организации и бизнис заедницата од градот, како и за флексибилни музејски поставки за археолошки артефакти кои во моментот се наоѓаат складирани во депоа и подруми и кои ниту Битолчани ги немаат видено
 

Линк до видео со инсерти од работната посета и изјави на вицепремиерката Царовска и градоначалничката Петровска: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: