Царовска и Шкријељ на средба со Сојузот на здруженија на пензионери – Стабилизиран пензискиот систем, во 2020 година 324 илјади пензионери земаат секој месец пензии поголеми за 722 денари

30 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, се сретнаа со претставници на Сојузот на здруженијата на пензионери и пензионерите од општина Центар, како и со претставници на граѓанската организација „Хуманост“.

На средбата, која се одржа во ботаничката градина на ООУ „Киро Глигоров“, се дискутираше за сето она што е направено во изминатите неколку години за пензионерите и возрасните лица, како многу значајна група граѓани во општеството, како и за актуелните предизвици кои се појавија во кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот Ковид 19 и планираните идни чекори за грижата на оваа бројна категорија.

Сметам дека како Влада покажавме дека успеавме да поместиме три парчиња од мозаикот кои се однесуваат на подобрување на животниот стандард на пензионерите, развојот на посебните услуги за пензионерите и возрасните лица и стабилизација на пензискиот систем, која е важна и за сегашните, но и идните пензионери. Две години напорно работевме на пензиската реформа, а како резултат на тоа заштедивме 3,7 милијарди денари во Фондот за пензиско осигурување, со што обезбедивме сигурност на системот, да и ние младите за 30-ина години може да добиеме пензии, како и за исплати на сите пензии на актуелните пензионери и сите оние кои тоа ќе станат за 10, 15 или 20 години. “, потенцираше вицепремиерката Царовска.
Царовска посочи дека во изминатите две години и покрај тоа што интензивно се работеше на стабилизација на Фондот за пензиско осигурување, пензиите продолжија да растат. 
„Во овој период, просечната пензија се зголеми за 824 денари, додека во 2020 година, во согласност со економскиот раст и растот на минималната и просечната плата, добивме дополнителни 722 денари за секој пензионер во нашата држава или вкупно 324 илјади пензионери. Преку програмите на Министерството за труд и социјална политика и со поддршка од Светска банка обезбедивме дополнителни финансиски средства да општините заедно со здруженијата на граѓани на локално ниво обезбедуваат услуги за поддршка на пензиониерите во домот“, нагласи Вицепремиерката Царовска.
Вицепремиерката за економски прашања потсети дека оваа Влада за првпат ја воведе категоријата социјална пензија, за лица над 64 години кои не ги исполнуваат условите да добијат старосна пензија, која изнесува 6.000 денари месечно и ја користат 6.600 лица. Досега тие лица немаа никакви приходи и поддршка од страна на државата и ваков вид на пензија е за првпат воведен во овој мандат, со што се овозможува на оваа најранлива категорија на граѓани да не зависат од никого и да може да извршат набавки на потребни продукти за себе.
Дополнителната заменичка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ се осврна на имплементацијата на социјалната реформа, која ја спроведува Владата.

„Вториот дел од патот на социјалната реформа е развојот на социјалните услуги на локално ниво и оваа здравствено-економска криза го покажа токму тоа, дека она што е потребно на општинско ниво е развој на услуги и испорака на услуги кон најранливите наши граѓани вклучително и возрасните лица. Ние како Министерство за труд и социјална политика во изминатиот период успеавме брзо да се прилагодиме на здравствено-економската криза и во 27 општини во соработка со граѓански здруженија да испорачаме услуги што значат испорака на сервис и се она што е потребно за најранливите категории на наши сограѓани односно над 1500 корисници ги користеа овие услуги. Она  што во наредниот период го работи МТСП заедно со своите партнери, како што е Светска Банка е системско развивање на услугите вклучително и услугата „помош и нега во домот“, обезбедивме над  10 милиони евра и во тек е развојот на проектните апликации заедно со општините, се со цел да обезбедиме квалитетен и достоинствен живот за сите наши граѓани особено за највозрасните“, кажа Шкријељ.

Градоначалникот на општина Центар,  Саша Богдановиќ, рече дека општината во изминатите 4-5 години издвојуваше средства од буџетот за помош и поддршка на граѓаните, пред се преку проектот „Нега плус“ којшто го спроведуваат заедно со здружението „Хуманост“.
„Тоа го правиме за да овозможиме грижа за постарите лица и нормално да бидеме сервисни на самите луѓе коишто се во поодминати години. Сепак грижата кон повозрасните не може да биде само со таков начин, доколку немаме вистинска поддршка на пензионерите од централната власт и навистина сум благодарен што МТСП и Владата овозможија дополнително зголемување на пензиите на сите пензионери. Со одредени други додатоци им се овозможи на пензионерите, оние останати години што ги имат од својот живот, повозрасните наши граѓани да имаат подобра финансиска состојба. Јас се надевам дека реформите, односно сите наши проекти  ќе продолжат и во нареден период и заедно со МТСП и Владата ќе им овозможиме подобар и поквалитетен живот“, подвлече градоначалникот Богдановиќ.

Извршниот директор на граѓанската организација „Хуманост“, Сашко Јованов, посочи река оваа организација работи 22 години за развојот на  социјална заштита  и истакна дека нивното искуство покажува дека за возрасните лица многу е важна помошта и негата во домот. 
„Сакам да истакнам дека општина Центар во изминатите 4 години е лидер во претвоспоставувањето на социјалната реформа  во обезбедување нега на возрасни лица над 62 години, што значи општина Центар дава субвенциии веќе 4-та година на 90 лица на територија на општина Центар. Она што го добиваат овие корисници е професионална нега во однос на помош и поддршка во секојдневните активности, подготовки на храна, во делот на социјализација, оние активности што се најважни поврзани со нашите корисници. Токму од овие причини овозможуваме овие стари лица да останат подолго во нивните сопствени домови без да ја имаат таа потреба од професионално сместување и водиме кон подобра социјализација и подобрување на сопствената состојба на нашите корисници. Токму од овие причини сметам дека овој позитивен пример меѓутоа и сите други примери коишто беа напоменети дека настојуваат да останатите општини ги развиваат овие социјални услуги, сметам дека она што го работиме во моментот веќе години во општина Центар   ќе биде пример за останатите општини како  да ја воспостават услугата на локално ниво“, кажа извршниот директор на „Хуманост“Јованов.
 

 

Линк до инсерти од средбата и со изјави од вицепремиерката Царовска, дополнителната заменичка министерка Шкријељ, градоначалникот Богдановиќ и претставникот на граѓанската организација „Хуманост“

English
АКТУЕЛНОСТИ: