Премиерот Заев новиот владин состав на прием кај Претседателот Пендаровски

_31082020_PVRSM_Vlada_priem_PRSM.jpg

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ги претстави министрите во новоизбраната Влада на приемот што по тој повод го организираше претседателот на државата Стево Пендаровски.

Веднаш после приемот во претседателската резиденција на Водно, премиерот Заев имаше изјава за медиумите која што ви ја пренесуваме во целост во продолжение на ова соопштение:

„Како што доликува, и како што налага редот, после победата на изборите и изборот на новата Влада во Собранието на Република Северна Македонија, денеска ја имав честа да го претставам новиот состав на извршната власт и пред претседателот на државата, кој, врз основа на резултатите од изборите ми го довери мандатот да ја формирам владата и да ја одбранам програмата за нејзината работа во мандатот што следува – од 2020 до 2024 година.

Ги уверив коалиционите партнери за време на изборите дека имаме силни и заеднички аргументи да се обединиме прво како целосно мултиетничка коалиција „Можеме“ заедно со партијата БЕСА, и таа обединетост да ја зајакнеме уште повеќе и со другите партнери ДУИ и ДПА во владината коалиција.

Така обединети во различностите, заеднички и многу бргу, за мандатот што е пред нас, ја создадовме Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 година која нуди решенија за сето она што е важно за сите граѓани, за државата и за нашата заедничка иднина.

Имаме силни аргументи да го убедиме претседателот на државата Пендаровски дека нè обединува искрена определба и политичка волја за засилено исполнување на стратешките приоритети на нашата земја: Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19,  нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции со ред, правда, ефикасна правна држава и владеење на правото, модерно образование, внатрешна кохезија, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, и добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.

Во претходните три години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план, покажавме дека можеме да обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии.

Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој.

Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер.

Реформата во институциите започнува токму со составот на оваа Влада: Таа ќе има седум министри помалку, за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните.

Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.

Неповторливи се четирите години пред нас. Ние тоа добро го знаеме и нема да ја пропуштиме шансата и довербата што ни е дадена.

Во претстојните години продолжуваме со воведување на европските стандарди дома за трансформација на нашата земја на подобро во сите сфери.

Ќе ја довршиме со уште еден успех нашата евро-атлантска приказна со членство во ЕУ.

Во следните четири години ќе отвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите.

Ќе ја добиеме битката со КОВИД-19. Се најавуваат сложени времиња во следните шест до осум месеци. Но, успешните здравствени политики на овој план обезбедија ефикасен здравствен систем и мотивиран и посветен здравствен кадар. На тоа, постојано ќе работиме, а фокусот на нашето внимание за поголеми шанси за успех ќе биде на експертизата и научниот пристап, во кој главен збор има струката со која ќе се стремиме за единство при носење на одлуки.

За да се реализираат овие програмски определби, имаме тим од посветени, одговорни и отчетни кадри кои ќе ги предводат министерствата. Станува збор за компактен тим од поединци со силно и значајно политичко искуство и личности со значајно стручно знаење и експертиза. Ова ќе биде мала ефикасна Влада. Влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните и со Европската Унија.

Уште еднаш им благодарам на сите граѓани кои со своите гласови ја потврдија исправноста на патот по кој се движиме напред. Сега е време да сработиме и да доработиме. Да продолжиме со силни чекори до подобра иднина за сите".

English
АКТУЕЛНОСТИ: