Анѓушев на Самит на ЕБРД во Лондон: Еден енергетски пазар без граници е иднината на регионот

27 февруари, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, како член на официјалната Владина делегација, учествува на „Инвестицискиот самит за Западен Балкан“, кој се одржува во седиштето на Европската банка за обнова и развој во Лондон.

Вицепремиерот Анѓушев се обрати на панелот „Одржлив регионален енергетски модел“, при што потенцираше дека енергетската иднина на земјите од регионот на Западен Балкан ја гледа во создавање на еден заеднички енергетски пазар, без административни граници.

„Доколку сакаме одржлив енергетски систем во регионот, верувам дека формирање на еден заеднички енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување на универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение. Додека не стигнеме до тоа решение Владите треба да работат на унапредување на меѓусебната соработка и отстранување на административните бариери за слободен проток на енергија“, потенцираше Вицепремиерот Анѓушев.

Потпретседателот Анѓушев дополни дека Владата на Република Македонија е посветена на намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија, како и зголемување на домашното производство, особено од обновливи извори на енергија.

„Република Македонија е земја со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори, особено користејќи го Сонцето како извор на енергија. За таа цел планираме во наредните години да ја зголемиме инсталираната моќност во фотонапонски централи за дополнителни 200 мегавати, што е зголемување за околу 1200% и дополнителни 50 мегавати во ветерни електрани, преку воведување на модел на „Премија“, истакна Анѓушев.

Во насока на одржување на енергетската стабилност на Република Македонија вицепремиерот подвлече дека Владата паралелно ќе работи на повеќе проекти со кои ќе се зголеми домашното производство, ќе се влијае на поздрава животна средина и ќе се намали зависноста од увозот.

„Не можеме да се потпреме само на обновливите извори на енергија, бидејќи природата е непредвидлива и мора да имаме производство кое ќе обезбедува оптимална електрична енергија за потребите на потрошувачите. Паралелно ќе работиме на ревитализација на постоечките термо централи, за производство на електрична енергија од високо калоричен јаглен, со што ќе влијаеме позитивно на заштита на животната средина, а воедно ќе работиме на зголемување на обновливите извори на енергија: 200 мегавати во нови фотонапонски централи, изградба на нови мали хидро централи, како и изградба на нови 50 мегавати во ветерни централи. Очекуваниот капацитет во нови извори за енергија би бил околу 400 мегавати, станува збор за значително зголемување на енергетските капацитети“, потенцираше Анѓушев.

АКТУЕЛНОСТИ: