Средба помеѓу Вицепремиерот Анѓушев и амбасадорот на Полска Мултановски – Економската соработка помеѓу двете земји има голем потенцијал за раст

05 март, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорот на Република Полска Н.Е. г-дин Јацек Мултановски.

Вицепремиерот Анѓушев и амбасадорот Мултановски се согласија дека во претходната година е забележен значителен напредок во економската соработка и посочија дека потенцијалот за раст е навистина голем.

„Постои интерес од неколку полски компании за нови инвестиции во Република Македонија. Мерките од Планот за економски раст овозможуваат голема поддршка за нови инвестиции, технолошки развој на компаниите и зголемување на нивната конкурентност на меѓународни пазари и верувам дека полските компании ја препознаваат оваа можност за реализација на нови инвестиции“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Амбасадорот Мултановски посочи дека воспоставената економска соработка треба да се задржи, воедно истакна дека во рамките на своите надлежности ќе работи на промоција на Република Македонија како добра бизнис дестинација и активно ќе придонесе да се зголемува бројот на полски компании и меѓусебната економска соработка помеѓу двете земји.

Република Полска е единаесетти партнер во трговската размена со Република Македонија во 2017 година, со вкупен обем на размена од околу 250 милиони евра, што претставува пораст од 81,1% во однос на претходната година. Големиот пораст на трговската размена се должи на растот на извозот од 77,7% и раст на увозот од 82% во однос на 2016 година.

 

АКТУЕЛНОСТИ: