Владата и Европската унија обезбедија средства за поддршка на туризмот – грантови од 14 милиони евра за општините, туристичките здруженија и компаниите

16 март, 2018 година

Објавен е вториот јавен повик за доделување на грантови во рамки на Проектот за локалната и регионална конкурентност во туризмот, со кој на општините, туристичките здруженија и асоцијации, како и на малите и средни претпријатија им се дава пристап до 14 милиони евра, неповратни средства за поттикнување на туризмот во Македонија. Средствата се обезбедени од Европската Унија, преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, како и од Владата на Република Македонија, а администрирањето на средствата се одвива преку канцеларијата на Светска Банка во Македонија.

 Вицепремиерот Анѓушев посочи дека вкупната вредност на грантовата шема изнесува над 21 милиони евра, од кои 18 милиони се обезбедени преку компонентата ИПА 2, додека 3,2 милиони евра изнесува учеството на македонската Влада. Овие средства ќе се доделуваат на проекти од општините, туристичките здруженија и асоцијации, како и од мали и средни претпријатија, во насока на поттикнување на туризмот, сектор кој има голем потенцијал за развој.

„Туризмот е гранка која може да даде брз и конкретен ефект за економски развој на државата. Охрабрува податокот дека бројот на туристи во 2017 година во однос на 2016 година е зголемен за над 15%, додека бројот на странски туристи во истиот период е зголемен за над 20%. Преку јавниот повик се доделуваат сериозни средства со кои верувам дека ќе ја унапредиме конкурентноста на туризмот во Република Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

 Раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, посочи дека Европската унија го поддржува проектот и дека граѓаните на Република Македонија и туристите кои ја посетуваат земјата заслужуваат квалитетна туристичка понуда во здрава животна средина и подобро опкружување.

 „Проектот е во фаза на имплементација, се озвозможува шанса за сите заинтересирани да учествуваат. Средствата за поддршка на туризмот се обезбедени, но потребни се квалитетни проекти за да се искористат средствата. Очекуваме Владата, заедно со локалните самоуправи да работат напорно со цел проектот да биде успешен“, посочи Бертолини.

 Директорот на канцеларијата на Светска Банка, Марко Мантованели посочи дека во студијата „Туризам за развој 2017“,  туризмот е препознаен како водечка гранка за побрз развој на економијата.

Според податоците од оваа студија, вкупно 10% од светскиот БДП е поврзан со туризмот и патувањата, кој е најголемата услужна индустриска гранка во светотот, дури 7% од вкупната меѓународна трговија потпаѓа на туризмот, а 30% од извозот на услугите се во туристичкиот сектор.

 „Преку развојот на туризмот директно се влијае на пет области: одржлив економски развој, социјална вклученост и вработувања, ефикасност на ресурсите и заштита на животната средина, промоција на културните вредности како и меѓусебно разбирање помеѓу културите“, посочи Мантованели.

 Директорката на проектната единица преку која се спроведува Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак ги претстави можностите за аплицирање преку јавниот повик.

 „За инфраструктурни инвестиции со проекти може да аплицираат општини, регионални плански центри и јавни установи. Бараниот износ може да биде до 1.000.000 евра самостојно или до 3.000.000 евра во соработка со други општини, јавни установи или регионални плански центри, За втората компонента - подобрена испорака на туристички услуги и локални економски влијанија може да аплицираат локални микро и мали претпријатија за грантови до  100.000 евра самостојно или до 300.000 евра во партнерство со други претпријатија, додека третата компонента опфаќа финансиската поддршка за организациите од туристичкиот сектор, образовните установи и центрите за обука, со проекти до 50.000 евра самостојно или до 150.000 евра во партнерство со други невладини организации, образовни установи и центри за обука“, посочи Шишак.

  Денес се одржа и трибина на која беа презентирани можностите за аплицирање за грантови преку Проектот за локална и регионална конкурентност на туризмот, на кој присуствуваа преку 100 лица, од општините, регионалните центри за развој, како и од асоцијации и здруженија од туристичкиот сектор.

АКТУЕЛНОСТИ: