Вицепремиерот Анѓушев на презентација на хрватската компанија кончар во Македонија –интензивна соработка на компаниите во регионот за побрз економски раст

10 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, присуствуваше на презентација на хрватската компанија Кончар, одржана во насока на интензивирање на бизнис активностите на оваа компанија во Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека станува збор за респектабилна компанија, со годишен приход од околу 400 милиони евра и дека радува податокот што оваа фирма, која во последните десетина години не е многу присутна во Република Македонија покажува интерес за интензивирање на своите активности во нашата земја.

„Верувам дека добрата регионална соработка е основа за економски развој. Земјите од регионот треба да ја подобрат економската соработка, која би била база за унапредување на соработката и со останатите земји. Постојат низа на поволности и предности, кои треба да ги искористиме и да ја зголемуваме регионалната економска соработка, се разбира преку економска и конкурентна логика “, посочи вицепремиерот

Компанијата Кончар има широко поле за работа, во моментов конкурира на неколку тендерски постапки на државни и јавни претпријатија, во енергетиката и транспортот и други дејности во приватниот сектор.

„Кога станува збор за енергетика, Владата ќе финансира еден крупен енергетски проект, а ќе се реализираат и проекти за зголемување на производството од обновливи извори на енергија, преку инвестиции на приватниот сектор во фотонапонски централи, мали хидроелектрани и ветерни електрани. Воедно планирани се и зафати за обновување на електро преносниот систем, како што се изградба и рехабилитација на далекуводи и реконструкција на трансформаторски станици. Сите овие проекти се добра можност за успешни приватни компании, како што е и Кончар, да аплицираат за реализација на овие проекти, на конкуретна основа и на тој начин да го зголемат своето присуство во Република Македонија“, нагласи Анѓушев

АКТУЕЛНОСТИ: