Два нови инструменти за развој на малите и средни компании – 3,4 милиони евра за основање на акцелератори и технолошки развој на македонските компании

29 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски го промовираа јавните повици за основање на деловно-технолошки акцелератори за млади и за технолошки развој на македонските компании.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека овие два инструмента се комплементарни и се надополнување со мерките од Планот за економски раст, а преку нив директно ќе се поддржат старт ап компаниите и младите луѓе. На овој јавен повик, за двата инструмента, на компаниите на располагање им се ставени вкупно 3,4 милиони евра, средства кои ќе се наменат за основање на бизнис акцелератори, како и за технолошка екстензија на малите и средни претпријатија.

„Преку овој повик стимулираме создавање на бизнис акцелератори, кои би биле поддршка за старт ап компаниите. Поддршката е во форма на неповратен грант, кој може да достигне до 500 илјади евра, односно кофинансирањедо 75% од вкупното учество на проектот, додека 25% од средствата треба да обезбеди компанијата која аплицира на јавниот повик. Наша намера е да се отворат четири акцелератори, на територијата на цела Република Македонија, кои ќе обезбедуваат средства и техничка поддршка за старт ап компании на млади луѓе, да ги реализираат своите бизнис идеи. Со вториот инструмент се поддржува поддршката за пораст на конкурентноста на македонските компании и особено е атрактивна за стопанските компании, бизнис асоцијации и кластерските здруженија. Преку овој инструмент се обезбедуваат неповратни средства во висина до 500 илјади евра, односно до 50% од инвестициите во технолошки и технички раст и развој на компаниите“, потенцираше вицепремиерот.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој подвлечедека станува збор за два нови финансиски инструменти на Фондот, со кои се проширува понудата на младите луѓе, компаниите и научните институции за стимулирање на иновациите и раст на конкурентноста.

„Со двата нови инструменти целиме да ги поддржиме брзо растечките бизниси и да поттикнеме создавање на високо платени работни места од над 30 илјади денари и повеќе. Преку овие два инструмента, користејќи ги меѓународните искуства, на младите им даваме можности кои ги имаат и во другите поразвиени земји. Со грантот од 3,4 милиони евра, очекуваме да се генерираат вкупни инвестиции до 5,5-6 милиони евра во наредните 2-3 години. Дури 80% од грантот кој ќе биде доделен за основање на акцелераторите, ќе биде наменет за директна финансиска поддршка за старт ап компаниите. Преку акцелераторите младите луѓе ќе може да обезбедат средства и за почетни инвестиции, но и за инвестиции во натамошните фази на развој“, истакна Деспотовски.

Јавниот повик се спроведува преку Фондот за иновации и технолошки развој, средствата се обезбедени во соработка со Светска Банка, а ќе биде отворен во наредните 2 месеци, поконкретно до 27 јули 2018 година.



Видео од настанот