Премиерот Заев на средба со кинескиот премиер Кечијанг: Ги отвораме перспективите за продлабочување на економската соработка

8 јули, 2018 година

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со владината делегација што ја предводеше, оствари средба со Претседателот на Владата на Народна Република Кина, Ли Кечијанг и кинеската владина делегација на маргините на Седмиот Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1).

Премиерот Заев ја потенцираше важноста на поддршката којашто во континуитет Народна Република Кина и ја пружа на Република Македонија од независноста до денес и нагласи дека Република Македонија продолжува да ја поддржува политиката на една Кина.

„Сакаме да ги отвориме перспективите за продлабочување на економската соработка со Народна Република Кина и да соработуваме на проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и економски развој на земјата.“ истакна премиерот Заев кој рече дека е многу значајна поддршката што кинеската влада ја пружа во напорите за забрзување на изградбата на двата автопати, Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

Премиерот Заев информираше дека процесот за воспоставување на безвизен режим меѓу двете земји е во завршна фаза и во тој дух посочи дека очекува да се зголеми движењето и комуникацијата помеѓу граѓаните на двете земји што ќе резултира со развој на туризмот, поголема културна соработка, поврзување и воспоставување на поблиски релации.

На средбата кинескиот премиер Кечијанг изрази силна поддршка за чекорите што македонската влада ги прави во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните и политиките за забрзување на економскиот раст.

Кинескиот премиер Кечијанг порача дека НР Кина ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Република Македонија и истакна дека зголемувањето на соработката е многу важно бидејќи дека двете земји се насочени кон економски развој кој треба да придонесе кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

На крајот од средбата премиерот Заев порача дека Република Македонија останува голем пријател на НР Кина и изрази силно уверување дека билатералните односи меѓу двете пријателски земји ќе се унапредуваат и развиваат во позитивна насока.

 

 

АКТУЕЛНОСТИ: