Прашање 7: Кога и како ќе може да аплицира за финансиска поддршка за исплата на плата од 14.500 по вработен?
Одговор: Компаните можат да аплицираат за да ја користат мерката за месец Април доколку го исполнат критериумот дека приходите им се паднати за 30% споредбено со просекот за 2019 година. Втор услов е да немаат исплатено дивиденди и бонуси од денот на објавување на уредбата до денот на користење на помошта и третиот услов е 10 % од вработените да немаат плата над 120.000 денари.
Доколку компаниите се регистрирани во само неколку месеци се зема просекот од периодот во којшто функционираат. Ако компанијата има сезонска работа се зема просекот од кварталот/сезоната која е релевантна од претходната година.
Компаниите можат да аплицираат за сите работници кои имаат нето плата до 39.900 денари, за вредност до една и пол месечна плата.
Процесот на аплицирање за компании се одвива преку онлајн системот Е-Даноци на Управата за јавни приходи каде компаниите пополнуваат електоронско барање до 5-ти во месецот дека ги исполнуваат условите.
При тоа се дава Изјава под морална и кривична одговорност дека се паднати приходите на компанијата за повеќе од 30%. Во рок од 3 дена, Управата за Јавни приходи ги известува повратно компаниите за комплетноста на барањето. Потоа, компаниите во МПИН образецот, којшто го пополнуваат на месечно ниво за исплата на платите, означуваат за кој работник побаруваат помош.
Во образецот означуваат 619 само ако ја користат мерката за нето плата од 14.500 денари или 621 ако ја користат мерката-Субвенционирање за покачување на плати до 6.000 денари. По аплицирањето, до 13-ти во месецот секоја од компаниите ќе ги добие средствата на нивната сметка.
Откако, финансиските средства ќе пристигнат на сметка на компанијата, работодавецот е должен најдоцна до 15-ти во месецот да ги исплати платите на своите вработени за кои аплицирал за мерката финансиска поддршка од 14 500 денари за исплата на плата.