30 септември 2020
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес одржа работен состанок со претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа и претставници на компаниите членки на комората, на кои им го презентираше четвртиот сет на мерки за справување со социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19.
Вицепремиерот рече дека овој пакет од 31 мерка е креиран преку целосно инклузивен процес, а во неговото создавање учествуваа сите релевантни чинители во економскиот живот, како што се стопанските комори, синдикални организации, академската заедница и граѓанскиот сектор. За мерките од четвртиот пакет резервиравме 470 милиони евра, рече Битиќи, при што додаде дека заедно со првите три пакети, обезбедена е соодветна и сеопфатна поддршка.
Мерките се моделирани за да одговорат на реалните потреби на граѓаните и бизнисот, а со нивната имплементација, се очекува да се обезбеди сигурности и ликвидност на компаниите, да се задржат работните места и да се раздвижи домашната потрошувачка, која зафаќа најголем процент од бруто домашниот производ.
Вицепремиерот се осврна на мерката за субвенционирање на плати, како една од најважните мерки кои беа побарани од стопанството, пришто посочи дека во наредните три месеци, помошта за исплата на плата ќе се спроведува скалесто, сoгласно падот на приходите кај компаниите. Како репер за споредба ќе се зема периодот од април-август 2020 година, споредбено со истиот период од лани, а во зависност од намалениот приход има различни суми за поддршка.
Компаниите кои бележат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат 14.500 денари поддршка, тие со загуби од 40% до 50%, ќе добијат 15.955 денари поддршка, од 50% до 60%, ќе добијат 17.410 денари поддршка, од 60% до 70% намален приход, ќе добијат 18.865 денари поддршка, оние со приход кој е помал од 70% до 80%, ќе добијат 20.320 денари поддршка, додека наголема поддршка ќе добијат компаниите кои се најпогодени и имаат над 80% намален приход, за што ќе добијат по 21.776 денари поддршка, за секое работно место.
Вицепремиерот посочи дека уште низа на мерки ќе се реализираа за поддршка на стопанството, како што се 100 милиони евра поволни кредити преку Развојната банка на Северна Македонија, пласирани преку комерцијалните банки, намалување на парафискалните давачки за компаниите, грантови за туристички агенции, за ресторани и за игротеки, одложување на плаќања на даноци, намалување на данокот на додадена вредност за одредени производи и други мерки кои значително ќе го олеснат работењето на компаниите во овој период.
Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека преку примерот за креирање на четвртиот сет на мерки, но и претходните три сета, се докажа дека Владата е сериозен и цврст партнер на стопанството и на граѓаните и дека сите мерки ги рефлектираат реалните потреби на сите категории на граѓани и компании. Тој посочи дека овој тренд на добра соработка ќе продолжи понатаму, за создавање на темели за новата развојна економија на државата, која ќе донесе побрз раст и развој, одржливост и подобар живот за сите граѓани.