Од свечената седница на Владата со комесарот Вархеји: Извештајот на Европската комисија и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, најавуваат нова ера за успешно спроведување на реформите

7 октомври 2020


Владата на Република Северна Македонија денеска одржа свечена седница на која комесарот за соседство и проширување на Европската комисија Оливер Вархеји ги презентираше Годишниот извештај на Европската комисија за нашата земја и Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во своето поздравно обраќање му посака срдечно добредојде на комесарот Вархеји и се заблагодари за неговиот ангажман за унапредување на ЕУ интеграциите на Северна Македонија, како и на целиот регион на Западен Балкан.

„Вашата посета е знак на исклучителна поддршка за нашата земја. Таа ја потврдува поддршката и солидарноста која не изостанува од ЕУ во овие тешки времиња на пандемија од коронавирусот. Сакам да ја изразам благодарноста на Владата и на сите граѓани, за солидарноста и помошта од страна на ЕУ за здравствениот сектор, финансискиот пакет за соочување со социо-економските последици, како и макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев нагласи дека посетата на комесарот Вархеји се остварува во исклучително значаен момент за нашата земја, во година кога станавме членка на НАТО и во период кога се очекува усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија до крајот на 2020 година за време на германското претседавање со ЕУ.

„Сега е вистинското време генерацијата на домашни професионалци да се зафати со можеби најзначајната задача која ќе го одбележи ова доба – полноправното членство во ЕУ. ЕУ е Унија на вредности и принципи, и е најуспешниот интеграциски потфат на континентот кој преку Заедничкиот пазар обезбедува економски прогрес и благосостојба за своите граѓани. Ние сме уверени и подготвени дека можеме да го изодиме тој пат и во иднина да придонесуваме за единството и развојот на ЕУ како глобална сила во светот“, рече претседателот на Владата Заев во поздравната реч на свечената седница на Владата на која комесарот Вархеји ги презентираше Годишниот извештај на Европската комисија за нашата земја и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан.

Како што е познато, вчера Европската комисија го објави Годишниот пакет за проширување кој го вклучува годишниот Извештај за процесот на пристапување на земјата во ЕУ како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, како два исклучителни важни документи за  ЕУ агендата на Република Северна Македонија.

„Тие ќе придонесат кон создавање силен политички моментум за конечен исчекор во европската агенда на земјата, отпочнување на преговарачкиот процес согласно новата методологија и влегување во нова повисока фаза во остварувањето на нашата стратешка цел - членство во ЕУ. Извештајот на ЕК дава јасна слика за напредокот на земјата, но и за областите каде треба дополнително подобрување и усогласување со европските стандарди. Извештајот ќе го искористиме за подготовка на првите акциски планови и стратегии од првиот кластер посветен на Темелните вредности, кои натаму ќе се преточат во преговарачки позиции на нашата земја“, потенцираше премиерот Заев, и истакна дека финансиската поддршка од 9 милијарди евра преку ИПА 3, ќе испрати силна порака за поддршка на ЕУ перспективата на Регионот и за комплементарноста на реформските процеси со забрзаниот економски развој.

Во своето обраќање на свечената седница на Владата на Северна Македонија, комесарот за соседство и проширување на Европската комисија  Оливер Вархеји нагласи дека ова е ден за паметење за нашата заедничката цел на Северна Македонија и Европската Унија – стартот на преговорите и остварувањето на членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Вархеји додаде дека добрата вест е што сега Северна Македонија има уште една силна причина да работи уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата.

Еврокомесарот Вархеји потенцираше дека со економската помош за земјите од Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра, ЕУ се обврзува да ја забрза европеизацијата на регионот и со забрзано економското закрепнување и за оваа намена извештајот на Европската комисија ги нотира главните области кои треба да бидат помогнати.

Како посебно важни, комесарот Вархеји ги истакна регионалните инфраструктурни проекти за автопатно и железничко поврзување на главните градови на земјите од регионот, за што ЕУ направи и измени во своите политики и согласно планот на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан учеството на ЕУ во кофинансирањето на овие проекти ќе биде во висина од 40% наместо досегашните 20%.

Во планот за реализација на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан приоритет има и поддршката на енергетските проекти за регионално поврзување, како и инвестирањето во социјалните и човечките ресурси во образованието и во политиките за спречување на иселувањето на младите.

Во продолжение на денешната свечена седница се обрати и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров кој рече дека годинешниот извештај на ЕК за Северна Македонија е реална и објективна слика, но и референтна основа за нашите обврски во овој период.

„Подготвени сме да испорачаме резултати, да одговориме на сите задачи за членство во ЕУ, и како прв чекор е да ја дочекаме  следната нова добра вест, со ваша помош, со помош на Европскиот Совет, да биде усвоена преговарачката рамка и да ја одржиме првата Меѓувладина конференција. Трите столба на европската иднина на Северна Македонија се испорачани: новата методологија, зеленото светло за почеток на пристапните преговори и инвестицискиот план за регионот економски да почне да фаќа чекор со земјите членки на ЕУ. Ова е историска шанса што имаме намера да ја искористиме“, истакна Димитров.

На седницата говореше и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој се осврна на некои  актуелни регионални и соседски прашања во регионот и изрази благодарност што комесарот Вархеји и Европската комисија зазедоа принципиелни позиции околу обликувањето на делот за добрососедските односи и употребата на државните атрибути во нацртот на преговарачката рамка.  

„По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, зајакнувањето на внатрешната кохезија преку доследна имплементација на Охридскиот договор, како и реформските постигнувања сега потврдени со вашиот Извештај, Северна Македонија врз основа на своите сопствени заслуги без никакво дополнително одложување и натамошно оспорување на суштински елементи за кои никој во Европа не се осмелува да спори, категорично заслужува да ги започне преговорите“, нагласи Османи и додаде дека во конструктивна и продуктивна атмосфера која ќе се ориентира кон постигнување на заедничко прифатливи заклучоци со Република Бугарија за време на неговата посета на Софија за средба со колешката Захариева, министерката за надворешни работи на Бугарија.

На свечената седница на Владата се обрати и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој потенцираше дека институциите се подготвени за трансформација и европеизација на Северна Македонија во очекување на конечното напуштање на чекалната на ЕУ и на почетокот на првата Меѓувладина конференција во декември оваа година.

„Во Извештајот е оддадено признание за добриот напредок на реформите во правосудството и борбата против корупцијата, и се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера. Мој приоритет, како за отворање на преговорите, така и за целиот тек на преговорите ќе биде изградба на транспарентни, ефикасни, независни и непристрасни правосудни институции базирани на принципот на владеење на правото и заштита на човековите права. Остануваме на заложбата сите реформските процеси од Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ  и под лупата на Брисел“, рече министерот за правда Маричиќ.

Во завршницата на свечената седница на Владата, премиерот Заев истакна дека годинешниот извештај на Европската комисија, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, најавуваат нова ера за успешно спроведување на реформите, за регионалната соработка, и дека планот на ЕК во наредните 4 до 5 години се поклопува со мандатот на оваа Влада со што се совпаѓаат целосно интересите на ЕУ со Програмата на Владата на Северна Македонија.

 

 

Линк до видео со инсерти:

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: