Продолжува јавно-приватниот дијалог помеѓу Владата и стопанството – Сите политики, закони и мерки важни за стопанството се дискутираат со стопанските комори за да се максимизира нивниот ефект

30 октомври 2020


Денес во Владата на Република Северна Македонија се одржа седница на комисијата за јавно приватен дијалог, со која претседаваше заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а на која присуствуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, како и претседателите на најголемите четири стопански комори Бранко Азески (Стопанска комора на Макеоднија), Данела Арсовска (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (МАСИТ).

Вицепремиерот Битиќи во своето воведно излагање пред присутните посочи дека седниците на комисијата за јавно-приватен дијалог ќе се користат како консултативна и корективна алатка за сите политики, закони и мерки кои Владата планира да ги донесе за побрз и одржлив развој на економијата, со цел да се слушне и гласот на стопанството, претставувано преку коморите, како и да се максимизира ефектот на мерките.
На оваа седница на комисијата се дискутираше за спроведувањето на четвртиот пакет на мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид 19, односно за динамиката на усвојување на законските решенија кои овозможуваат имплементација на поединечните мерки, за барањето на коморите за измени во царинскиот тарифник, односно за Законот за царинска тарифа, за парафискалните давачки на компаниите, како и за измени и дополни на Законот за вршење на сметководствени работи.

Министерот за финансии Бесими пред присутните го претстави динамичкит план за донесување на законски решенија со кои ќе се овозможи реализација на сите мерки од четвртиот пакет и посочи дека сите закони се веќе подготвени, поголемиот дел од нив се во собраниска процедура и се очекува да почне нивната примена многу брзо, додека дел од законите кои ќе почнат да се применуваат подоцна се во Владина процедура. Тој истакна дека со усвојување на ребалансот на буџетот, процес кој најдоцна треба да заврши до 3 ноември и со усвојување на Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата предизвикана од КОВИД-19 за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година, ќе се овозможи сериозна подршка на сите компании кои бележат загуби, за исплата на платите на нивните вработени, со што пак ќе се поддржи и ликвидноста на компаниите и ќе се зачуваат работните места.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата, министерството за економија, министерството за финансии и царинската управа во периодот кој следи ќе работат активно на усогласување на Законот за царинска тарифа со ЕУ легислативата, а во меѓувреме со интервентни мерки ќе сe поддржи производството и конкурентноста на македонските компании.
Во однос на парафискалните давачки и Законот за вршење на сметководствена дејност, присутните се согласија во наредниот период да се формира оперативна група која ќе работи на динамички план за намалување на парафискалните давачки на компаниите, за да се намалат овие трошоци на компаниите и на тој начин дополнително да се подигне нивната ликвидност, како и за соодветни измени и дополни на Законот за вршење на сметководствена дејност, со цел креирање на најсоодветно и најефикасно законско решение.
 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: