4 ноември 2020
Вложувања во образование и зајакнување на човековиот капитал, иновации, инвестиции, подобрување на деловниот амбиент, почитување на демократските темели на општеството, борба со корупцијата и грижа за животната средина беа теми на онлајн состанокот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-претседателот за економски прашања, Фатмир Битиќи со одборот на Македонија 2025, претседателката Вера Ставроф, Мајк Зафировски и Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.
На состанокот се дискутираше за важноста од долгорочен економски развој и предвидлив деловен амбиент, како и обединување на сите засегнати страни во однос на клучните приоритети кои треба да ја подобрат иднината на Северна Македонија.
Премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата за справување со моменталните предизвици како резултат на пандемијата за ублажување на последиците, како и времето кое се посветува од страна на сите економски ресори во Владата за креирање на долгорочна стратегија за развој на државата што е неопходно за унапредување на економијата и квалитетот на живот.
Заев, додаде дека Владата ја поддржува соработката со Македонија 2025 со оглед на нејзината важност за зацврстување на деловната комуникација меѓу македонската деловна заедница и бизнис дијаспората, со цел продлабочување на соработката, искористување на потенцијалите и пренесување на знаење и позитивни практики.
На состанокот беше заклучено дека за домашните компании, од голема важност е подобрување на конкурентноста и продуктивноста, доколку сакаме во иднина да имаме повисок степен на економски развој. Дополнително, потенцирана е важноста од отвореноста за соработка со цел создавање на просперитетна економска клима за подобри можности за граѓаните, за стопанството како и за странските инвеститори.