10 ноември 2020
Владата на Република Северна Македонија синоќа во рамки на 19-тата седница го утврди Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2021 година, кои ќе бидат доставени во Собранието на Република Северна Македонија и деновиве ќе биде детално презентиран пред јавноста.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост КОВИД-19 периодот и го разгледа и го усвои Извештајот на Kомисијата за оцена на пријавите на деловните субјекти, задолжувајќи го Министерството за економија да склучи договори со одобрените компании согласно Извештајот.
Вкупно, 17, 2 милиони евра, средства кои се дел од третиот пакет мерки, наменети за опоравување на домашната економија за време на здравствено-економската криза ќе ги добијат 400 компании, со цел амортизирање на ударот врз домашните погодени бизниси преку стимулирање на приватната потрошувачка со фокус на домашната понуда, директна финансиска поддршка и поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и работните места.
Висината на финансиската поддршка е 25 % од реализираната инвестиција според инвестицискиот план, но не повеќе од:
40.000 евра во денарска противвредност, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, не повисок од 1.000.000 евра во денарска противвредност;
100.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 1.000.001 евра до 10.000.000. евра во денарска противвредност;
140.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра во денарска противвредност;
200.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 10.000.001 евра, повеќе од 50.000.000 евра во денарска противвредност.
Детални информации за доделувањето на финансиската помош ќе бидат презентирани во јавноста од претставници на Владата во наредните денови.
На денешната седница беше донесена Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Северна Македонија за 2020 година во износ од 77.000.000 на Општина Кичево, за реконструкција на општинската зграда. За искористеноста на средствата, Општина Кичево, има обврска да достави извештај до Владата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од завршување на активностите.
На седницата беше донесена и Одлука за одобрување средства од Буџетот на Северна Македонија за 2020 година, 135.000.000 денари на Град Скопје, како неповратна финансиска помош за справување со финансиските последици предизвикани поради кризата со корона вирусот во работењето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје – Скопје.
На предлог на Министерството за образование и наука денеска беа разгледани и усвоени Предлог-законот за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ученичкиот стандард, предложени да бидат донесени по скратена постапка.
Двата предлог-закони, одделно, се однесуваат на измени со кои се регулира доделувањето на средства на јавните ученички домови и на државните студентски домови за исплата на плати на вработените во овие домови во услови на вонредни КОВИД-19 околности од страна на Министерството за образование и наука. Односно, платите на вработените во јавните ученички и студентски домови се финансираат преку партиципацијата која домовите ја добиваат по сместен студент или ученик. Со прогласувањето на епидемијата заради вирусот КОВИД-19, голем дел од високообразовните установи и средните училишта организираа онлајн настава, заради што голем дел од студентите и учениците немаат потреба од сместување во ученичките и студентски домови и се намалија и приходите на јавните ученички и студентски домови со што се загрозува нивното секојдневно работење и можноста да се исплатат платите на вработените поради недостиг на средства.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување на Преспа форум за дијалог, при што беа задолжени Министерството за надворешни работи за спроведување на сите активности за воспоставување на Преспа Форум за дијалог и да ја организира Првата меѓународна конференција со наслов Преспа форум за дијалог во текот на 2021 година. Форумот претставува платформа за добрососедство и решавање на билатерални прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови иницијативи за регионална и меѓународна соработка. Форумот ќе претставува платформа за размена на мислења и искуства на кој што ќе се презентираат идеи за решавање на актуелни прашања и теми од регионален и меѓународен контекст. Форумот, секако ќе послужи и како можност за претставување на внатрешните и надворешно-политичките постигнувања на нашата држава и нејзиното искуство и предизвици во спроведувањето на трите договора. Една од целите на оваа иницијатива е форумот да стане своевиден бренд кој ќе придонесе за натамошна афирмација на Северна Македонија на меѓународен план.
На 19-тата седница, беше разгледана и усвоена Информацијата за Предлог за поднесување на кандидатура за претседавање на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа- ОБСЕ во 2023 година, при што беше задолжено Министерството за надворешни работи да ја поднесе кандидатурата за претседавање на Република Северна Македонија на претстојниот Министерски состанок на ОБСЕ во Тирана, што ќе се одржи на 3 и 4 декември во рамки на Албанското претседавање, со цел донесување на формална одлука за претседавањето и да ги спроведе потребните дипломатски активности за обезбедување на позитивна одлука.
Владата на Република Северна Mакедонија ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Договорот за преземени обврски (обврзувачки договор за набавка), помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19 и за обезбедувањето на финансиска гаранција за плаќање и го задолжи министерот за здравство да го потпише Договорот без да спроведе една од постапките пропишани со член 47 од Законот за јавни набавки, со оглед на тоа дека овој Договор претставува меѓународен договор со кој се преземаат права и обврски за нашата држава согласно Мислењето на Министерството за надворешни работи.
На предлог на Министерството за правда, на дневен ред на 19-тата седница беа ставени и разгледани од министрите и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците и Предлогот за изменување на Законот за финансирање на политичките партии.
Со предлог-законското решение за измените во Законот за прекршоци се регулира зголемување на глобите (до 20 пати поголема од сега регулираната казна), од областа на животната средина соодветно на причинетата штета предвидени со материјалните закони. Измените ги регулираат прекршоците кои се однесуваат на непочитување на пропишаните стандарди од областа на животната средина, а кои се однесуваат на загадувањето на човечката средина предизвикана од човечките активности. Усогласувањето на прописите од областа на животната средина со постојниот Закон за прекршоци ќе доведе до намалување на постојните прекршочни санкции, а поради потребата од регулирање на потребни стандарди со прописите од областа на животната средина, се избегнува намалувањето на висината на прекршоците од причини што е потребно заострување на казнената политика во областа на животната средина.
Со Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на политичките партии се уредени начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, располагање со средствата за тековната работа и дејствување на политичка партија, како и начинот на контрола на финансирање и финансиско-материјалното работење на политичките партии.
Согласно Законот за финансирање на политичките партии процентот за исплата на средства е 0,15% од основните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија во тековната година. Предлог-законот е потребен заради усогласеност со претходно донесени уредби.
Под точката кадровски прашања, на предлог на Комисијата за именување, Владата согласно добиеното позитивно мислење од Државниот правобранител на Република Северна Македонија, за државен правобранител во Државното правобранителство за подрачјето на Скопје ги именуваше:
1. Лепосава Веноска
2. Кристина Грозданоска
3. Елена Саздовска
4. Земиле Кодра
5. Недим Исмани
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Куманово ги именуваше:
1. Драган Јовановски и
2. Бесим Весели
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Охрид го именуваше:
1. Агрон Речи
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Струмица ја именуваше:
1. Татјана Донкова
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Гевгелија ја именуваше:
1. Мирослава Панарова
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Велес ја именуваше:
1. Валерија Николова
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Штип ја именуваше:
1. Билјана Симонова-Тасева
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Кавадарци ја именуваше:
1. Сузана Костова-Коцева
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Битола го именува:
1. Ѓоко Талевски
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Прилеп го именува:
1. Киро Северкоски
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Кочани ја именува:
1. Олгица Јанева
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Тетово се именува:
1. Фетуш Алили
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Гостивар се именува:
1. Илбер Јусуфи
За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Струга се именува:
1. Катерина Талевска-Скепароска
Владата на Република Северна Македонијa заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат” - Скопје да го избере Самка Ибраимовски за в.д. заменик директор.
Како точка за информирање беше разгледано дека Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој согласно Одлука на Владата на Република Северна Македонија за давање претходна согласност го разреши Јован Деспотовски од должноста директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
• Костадин Петров го именуваше за в.д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој на предлог на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој
• Јован Деспотовски го именуваше за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.
• Бесник Елези го именуваше за в.д. заменик директор на Агенција за храна и ветеринарство.
• Томе Спировски го разреши од должноста директор на Државниот просветен инспекторат.
• Ардиан Муслиу го именуваше за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат.
• Владата ја прифати оставката на Јовица Стојановиќ и го разреши од должноста директор на Управата за извршување санкции, на негово барање.
• Владата ја прифати оставката од Марјан Спасовски, и го разреши од должноста директор на Затвор Куманово со отворено одделение во Крива Паланка на негово барање.
• Марјан Спасовски го именува за в.д. директор на Управа за извршување на санкции.
• Александар Донев го разреши од должноста вршител на должноста директор на Казнено поправен Дом Идризово со отворено одделение во Велес.
• Јовица Стојановиќ го именува за в.д. директор во Казнено поправен Дом Идризово со отворено одделение во Велес.
• Ненад Цветковиќ го именува за в.д директор на Затвор Куманово со отворено одделение во Крива Паланка.
• Беким Халими го разреши од должноста директор на Службата за просторен информативен систем и го именуваше Митко Крстевски за директор на Службата за просторен информативен систем.