13 ноември 2020
Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја прими амбасадорката на Република Хрватска во нашата земја, Н.Е. Нивес Тигањ, со која разговараа за економските односи помеѓу земјите, поддршката од Хрватска на патот кон ЕУ и активности за зголемување на трговската размена и подобрување на контактите помеѓу компаниите од двете земји.
Амбасадорката Тигањ нагласи дека Северна Македонија и Хрватска се пријателски земји, кои немаат отворени прашања и дека нашата земја ја има целосната поддршка за отворање на преговори, реализација на потребните реформи и полноправно членство во ЕУ. Република Хрватска е своевиден линк помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и искуството кое го поседуваат за пристапување се подготвени несебично да го споделат со Северна Македонија.
Вицепремиерот и амбасадорката констатираа дека и во услови на светска економска криза, предизвикана од пандемијата со коронавирусот Ковид 19, трговската размена во првите 9 месеци од 2020 година, споредено со истиот период лани, бележи значителен пораст од 12,8%, како и зголемување на извозот од Северна Македонија за околу 9%.
Зголемувањето на економската соработка помеѓу земјите од регионот може да има само позитивен импакт кон целокупните односи и за животот на граѓаните, подвлече Битиќи и рече дека местото на регионот е во ЕУ, со оглед на тоа дека трговската размена во најголема мера се одвива токму со земјите членки на Унијата. Земјите од регионот мора да работат на креирање на кохерентни и конзистентни економски политики во насока на засилување на меѓусебната економска соработка и создавање на поконкурентен регион, наместо да се поттикнува конкуренција помеѓу земјите.
На состанокот се разговараше и за неодамна усвоениот 10-годишен Национален план за развој на Република Хрватска (2020-2030 година), на што Вицепремиерот Битиќи се надоврза и посочи дека Владата на Република Северна Македонија исто така работи на креирање на Национален долгорочен план за развој. Овој план, информираше Вицепремиерот, во кој ќе бидат дефинирани клучните правци во кои ќе се движи економијата на Република Северна Македонија, ќе обезбеди побрз и одржлив економски развој на земјата, а во негово создавање ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни: стопанските комори, синдикални организации, граѓанскиот сектор, но и меѓународните партнери и донатори.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Тигањ изразија надеж дека економската соработка помеѓу земјите ќе има тенденција на пораст, пришто се согласија дека ќе продолжат со меѓусебната комуникација за да ја унапредуваат соработката и понатаму.