Од 38-та седница на Владата: Продолжен е рокот за исплата на финансиската поддршка од 6.000 денари за нешто повеќе од 24.000 граѓани до 31 март; Усвоена Програмата за задолжителна имунизација на населението во 2021 година

12 јануари 2021

Владата на Република Северна Македонија на денешната 38-ма седница донесе одлука за продолжување на рокот за искористување на средствата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници до 31 март 2021 година.

Со ова продолжување на рокот за финансиска поддршка од 6.000 денари, околу 22.000 граѓани на кои им следува оваа финансиска поддршка, а кои не ги ажурираа своите податоци во банките, како и 2.132 граѓани на кои им се уважија приговорите, ќе можат да ја искористат оваа  финансиска поддршка како една од КОВИД-19 мерките за ублажување на последиците од пандемијата.

На оваа седница Владата ја прифати Предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2021 година во која е содржан план за обезбедување на годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии.

Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за пoeдини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и Календарот за catch-up имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 година.

Вкупно одобрените финансиски средства за оваа програма изнесуваат 805.000.000,00 денари од кои 415.000.000,00 денари се наменети за обезбедување на  потребните количини вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, а 390.000.000,00 денари за набавка на КОВИД-19 вакцини.

На оваа своја седница Владата ја усвои Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2021 година со буџет од вкупен износ од 20.000.000,00 денари.

Средствата од оваа програма ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, преку грантови во износ од 600.000,00 до 900.000,00 денари, за програми (проекти) за кои како приоритети се определени темите едно општество за сите, забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, справување со светската пандемија предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени, владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност, квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот, модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти и успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика на денешната седница се усвоени  Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година, како и Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2021 година.

Со оваа програма се уредува финансирањето за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година, како и изградба и опремување на градинки за деца, како дел од капиталните проекти и како дел од стратегијата за инвестиции во детската заштита и во раниот детски развој и грижа за социјално ранливите категории.

Владата денеска ја усвои и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица за 2021 година.

Оваа програма има за цел да овозможи полесен пристап до автомобил на овие корисници, а со тоа и нивна полесна мобилност и социјална вклученост во заедницата.

Владата на Република Северна Македонија jа разгледа и усвои Информацијата и ја донесе Одлуката за давање согласност на Тарифникот за вредност на работите од урбанистичко планирање.

Со Тарифникот се уредува надоместокот односно тарифите за извршените работи од урбанистичкото планирање при изработка на урбанистички планови, кој е наменет за  подготовка на Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови и урбанистички проекти, од локално и од државно значење.

На денешната седница Владата донесе Одлука за спојување на јавните здравствени установи Здравствен дом Прилеп и Општа болница Прилеп во Јавна здравствена установа Општа болница со проширена дејност - Прилеп.

Со спојувањето на овие две здравствени установи сите здравствени услуги кои во моментот се пружаат во две здравствени установи сега ќе се добиваат во една со што им се олеснува правото на пациентите да добиваат квалитетни услуги на едно место, без да бидат оптоварувани со дополнителни административни процедури за упатување од една во друга установа.

Со спојувањето се намалуваат трошоците во административните процедури и се надополнува кадарот што недостасува, пред се медицински персонал во установите, а воедно со спојувањето се овозможува порационално искористување на буџетот, намалување на долгот, а со тоа и поефикасно работење, како и спојување на возниот парк, што ќе значи и надминување на досегашните проблеми со транспорт на пациенти, со посебен акцент на транспортот на пациенти со возило на итната медицинска помош.

На предлог на владината Комисија за именување, на денешната седница се донесени следните кадровски решенија:

- Кети Василеска, е именувана за вршител на должностa директор на Државниот управен инспекторат, орган во состав на Министерството за информатичко општество и администрација.

- Ѓоко Танасоски е разрешен од должноста директор на Царинска управа на Република Северна Македонија.

- Горан Сугаревски се именува за вршител на должност директор на Царинска управа на Република Северна Македонија.

- Зулфикар Зејнулаи, се именува за в.д. заменик на директорот во Дирекцијата за заштита и спасување.

Владата го разгледа предлогот на Управниот одбор на Јавната установа Национален Парк Галичица, Охрид, за разрешување на Васко Паскали од должноста директор на Установата по поднесена оставка поради извршување на друга функција и го разреши од должноста директор, на негово барање, и за вршител на должност директор на установата го именуваше Александар Миљовски.

Владата се информираше за оставката на Нехри Емрула од должноста директор на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија и заклучи да му препорача на Управниот одбор на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија да го разреши од должноста директор, а за вршител на должноста директор да го именува Дарио Николовски.

Владата донесе одлука да упати препорака до УО на „ЈП Студенчица“ да го разреши директорот Урим Ахмети и на негово место да ја именува Ардита Дани.

Владата на Република Северна Македонија го именуваше Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја, за член на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: