Вицепремиерот Анѓушев на тркалезна маса во организација на МАНУ - За раст на економијата потребни се мерки, но и владеење на правото и стабилност

20 декември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев се обрати на тркалезната маса во организација на Македонската академија за науките и уметностите на тема „Растот на македонската економија: состојби, проблеми и перспективи“.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека состојбите во економијата не се најдобри во моментов, но дека е добро да се прикажат вистинските состојби, за Владата да преземе конкретни и соодветни чекори  за правилни економски решенија.

„Фундаменти за економски раст и развој се владеење на правото, за да стопанствениците се чувствуаат безбедно за своите инвестиции, како и стабилна политичка состојба, односно стабилност на земјата. Доколку тие две основни работи се исполнети, тогаш со соодветни економски мерки може да се придонесе за повисоки стапки на економски раст “, нагласи Анѓушев

Вицепремиерот истакна дека Владата подготви сет на мерки за поддршка на стопанството, кои во изминатите 3 месеци се дискутирани со сите општествени чинители, вклучително и МАНУ и дека Владата и МАНУ ќе имаат одлична соработка во креирање на стратегии, политики и мерки за одржлива и развојна економија.

„Кога зборуваме за поддршка на стопанството, не е решение да поддржуваме монополи и да се задолжуваме за скапи, непродуктивни градежни проекти. Единствено решение е да се поддржат македонските компании да се развиваат, да бидат поконкуретни и да освојуваат нови пазари. Владата ќе работи на подобрување на бизнис климата со реализација на капитални инвестиции, ќе градиме патишта, железница, гасоводи и енергетска инфраструктура“, потенцира Анѓушев.

Тркалезната маса се организира во чест на одбележување на 90-годишнината на академик Никола Кљусев, поранешен премиер и доајен на македонската економска наука.

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: