Владата иницира зголемена транспарентност и отчетност на органите на државна управа и јавните претријатија во државна сопственост – Транспарентноста и отчетноста ќе донесат и подобар квалитет на услугите за граѓаните

21 јануари 2021

 

Владата на Република Северна Македонија, на 40-та седница одржана на 19-ти јануари 2021 година, на предлог на Комисијата за економски систем и тековни економски политики, со која претседава заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, усвои заклучок со кој на агенции, дирекции, фондови, бироа, совети, акционерски друштва или други правни лица во државна сопственост им наложи да ја зголемат транспарентноста и отчетноста во нивното работење.

Имено, на оваа седница се заклучи дека сите финансиски извештаи  (тромесечни, полугодишни и годишни) кои се доставуваат на разгледување во Владина постапка, нема да бидат разгледани,  доколку листата од 22 обврзувачки информации и документи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не бидат објавени на веб страните на предлагачите, согласно Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија.

Претходно, на 26-та седница одржана на 7-ми декември 2020, на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски,  се усвои информација со која се задолжуваат сите министерства, освен Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи (кои поради специфичноста не се обврзани да ги објавуваат податоците кои претставуваат класифициран податок согласно Законот за класифицирани информации, како и податоците за јавни набавки за кои се предвидуваат исклучоци од општиот режим на јавните набавки согласно Законот за јавни набавки), органите во состав на министерствата, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи кои одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од страна на Владата, акционерските друштва во државна сопственост, како и другите иматели на информации кои одговараат пред Владата во рок од 30 дена од усвојувањето на оваа информација на своите веб-страници да ги објават документите и информациите наведени во членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. 

На истата седница Владата им препорача и на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, како и на имателите на информации основани од нив, во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават документите и информациите кои се предвидени во членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова ќе биде еден од условите за општините, градот Скопје и општините во градот Скопје да користат финансиска поддршка за реализација на проекти, со средства од  централниот буџет и средства од меѓународните донори. 

Владата прави конкретни чекори кон што поголема транспарентност и отчетност на органите управување на централно и локално ниво, за да граѓаните бидат што е можно повеќе информирани како се трошат финансиските средства од буџетот, но и за добивање на што е можно поквалитетни и поефективни услуги за граѓаните.
 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: