27 јануари 2021
Владата на Република Северна Македонија на вечерашната, 42 редовна седница, ја разгледа и ја усвои Информацијата за набавка на САРС-КоВ-2 инактивирана вакцина против КОВИД-19.
Со заклучок на Владата Министерството за здравство доби задолжение да спроведе постапка за набавка на 200.000 единечни дози од САРС-КоВ-2 инактивирана вакцина против КОВИД-19 согласно со член 55 став (1) точка г) од Законот за јавните набавки, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас.
Станува збор за нова набавка на дополнителни количини покрај оние од КОВАКС механизмот од 833.000 дози на вакцина за кои Министерството за здравство изврши уплата на авансот и ја обезбеди финансиската гаранција, со што ги исполни финансиските обврски што произлегуваа по основ на склучениот Договор. Според најавите од КОВАКС механизмот првите количини од оваа набавка се очекува да бидат испорачани во првата половина на февруари.
Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за здравство е во завршна фаза од директните разговори со производителот „Фајзер“ за набавка на уште 800.000 единечни дози за сукцесивна испорака на договорените количини во наредните месеци од кои првите во февруари.