16 февруари 2021
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го усвои Петтиот пакет економски мерки креиран за да обезбеди ревитализирање, стабилност и развој на економијата во услови на КОВИД-19.
Пакетот 5 за стабилна и развојна економија е креиран врз основа на континуираното следење на состојбата и економските параметри, како и преку консултации со сите чинители во општеството во насока на продолжување на мерките од претходните четири сета мерки.
Мерките што се опфатени имаат за цел рестартирање на економијата и враќање на стапките на економски раст во интервал од 4-5% од пред настапување на кризата, и за директна поддршка на стопанството, компаниите, а со тоа и поддршка на граѓаните за подобрување на животниот стандард и работните услови.
Заради остварување на наведените цели, вредноста на предлогот за Петтиот сет мерки е проценет на 9,773,100,000 денари или 158,912,195 евра.
Предлог мерките од Петтиот сет економски мерки се систематизирани во 4 главни столбови:
1. Директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните кои работат во секторите кои се уште имаат последици од пандемијата.
2. Финансиска поддршка на ликвидноста на граѓаните и приватниот сектор со цел задржување и/или зголемување на бројот на работниците како и процесот на заздравување на компаниите.
3. Креирање на поповолно деловно опкружување (Системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на други парафискални давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки).
4. Поддршка за граѓаните.
На оваа своја седница Владата го разгледа и усвои Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство и ја задолжи Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија да го достави Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, најдоцна до 25 февруари 2021 година.
На денешната седница Владата ја усвои Информацијата за Проектот за човечки капитал и за изработка на Стратегија за унапредување на човечкиот капитал во Република Северна Македонија во соработка со групација Светска банка.
Проектот за човечки капитал претставува глобален одговор на групацијата Светска банка за мобилизација на земјите и партнерите, насочен кон унапредување на условите за живот и за зголемување на инклузивноста за економски раст на земјите партнери на Светската банка.
Со заклучок од денешната седница, за лица за контакт и координација на процесот за изработка на Стратегијата за унапредување на човечкиот капитал во земјата се назначени советниците на претседателот на Владата Нина Фити и Ванчо Узунов, а работната група ќе ја сочинуваат и претставници на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и на Министерството за здравство.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец февруари 2021 година и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 24.02.2021 година на кои им се препорачува да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 25.02.2021 година (четврток);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 26.02.2021 година (петок);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 01.03.2021 година (понеделник ); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 02.03.2021 година (вторник ).
На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа и усвои Информација со Предлог - барање за автентично толкување на членот 49 став 1 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци до Собранието на Република Северна Македонија.
Оваа постапка Владата ја покренува заради барањето на голем број компании со лиценци за одгледување канабис за медицински цели за извоз на сушен цвет од канабис, како и заради усогласување на недореченоста во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, односно дали сушениот цвет може да добие третман на препарат на супстанции и растенија класифицирани во листите II и III, којшто е подобен за извоз надвор од територијата на Република Северна Македонија.