8 јуни, 2017 година
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Џес Бејли, кој беше придружуван од г. Џејмс Стејн од УСАИД и претставници од економскиот сектор на американската амбасада.
Амбадорот Бејли го честиташе именувањето на вицепремиерот Анѓушев на позицијата вицепремиер за економски прашања, посака успех во работата и изрази надеж дека новата реформска влада со својата работа ќе допринесе за побрз развој на економијата и подобар живот на граѓаните.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека ќе го искористи сето свое знаење и искуства стекнати во приватниот сектор за креирање и имплементација на економски политики кои ќе допринесат Македонија да се развива со побрза динамика и дека граѓаните многу брзо ќе ги почуствуваат ефектите од политиките коишто новата влада ќе ги спроведува во наредниот период.
На средбата стана збор и за економската соработка помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски држави, како и за поддршката на САД со реализација на проекти преку УСАИД. Особен фокус соговорниците ставија на проектите на УСАИД кои се во тек, а кои се однесуваат на енергетската ефикасност, поттикнување на извозот, како и проектите за поддршка и развој на земјоделието.
Анѓушев и Бејли се согласија дека Република Македонија и Соединетите Американски држави се пријателски држави, дека економската соработка е на високо ниво, а воедно истакнаа дека ќе се прават дополнителни напори за натамошно интензивирање на соработката, со што Република Македонија дополнително ќе се доближи до НАТО и Европската Унија.