12 јуни, 2017 година
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, е во дводневна посета на Кралството Шведска.
Вицепремиерот Анѓушев вчера оствари средба со г-ѓа Ан Линде, министерка за европски прашања и трговија на Кралството Шведска.
На средбата главна тема беа чистите технологии и обновливите извори на енергија, при што е договорена соработка за искористување на шведските искуства и знаења во овие области со цел нивна примена и во Република Македонија.
„Примерот на Шведска за примена на чистите технологии во индустрија и за обновливи извори на енергија е применлив за Република Македонија и може значително да придонесе за развојот на земјата, особено во проекти што се однесуваат на таканаречена “чиста енергија“, рече заменик претседателот на Владата, Анѓушев.
Министерката Линде, во име на Владата на Кралството Шведска, изрази подготвеност за соработка со Владата на Република Македонија и во сите други области од важност за нашата држава.
Вицепремиерот Анѓушев во текот на вчерашниот ден имаше и средба и со претставници на компанијата Ericsson, на којашто беа презентирани последните дигитални технологии за таканаречените “паметни мрежи“ (smart grid) за електрична енергија, особено за нивната примена во земјоделието.
Денеска заменик претседателот на Владата, Анѓушев, ќе има излагање за потенцијалите на обновливи извори на енергија, на Бизнис форумот за чисти технологии во Стокхолм, организиран од Македонската амбасада во Шведска и “Македонија 2025“.