Од 57-мата седница на Владата: Владата ѝ укажа на Општина Охрид да се превенираат градежните работи на локацијата ресторан „Парк“; Усвоен текстот на Договорот за гасниот интерконектор со Грција; Мартовските пензии започнуваат да се исплаќаат на 29 март

23 март 2021


Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 57-ма седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и донесе заклучок со кој ѝ се укажува на Општина Охрид да превенира градежни работи на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“, до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски, која ќе изврши увид во процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“ и за своите наоди ќе ја извести Владата на нејзината наредна седница.

Дополнително Владата ѝ укажува на Општина Охрид, во рок од два дена да достави Информација за важноста на одобрението за градба на локацијата на местото на ресторан дискотека „Парк“, имајќи предвид дека согласно член 66 од Законот за градење, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Во врска со спроведувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, Владата заклучи да ѝ укаже на Националната установа - Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид и на Управата за заштита на културното наследство, почнувајќи од 05.04.2021 година, заштитно конзерваторските услови, конзерваторските мислења и стручните контроли за културното наследство во Охридскиот Регион да ги изработува по претходно мислење, односно со учество на Националната установа - Национален конзерваторски центар - Скопје и по претходно мислење на Министерството за култура.

Министерството за култура, во рок од седум дена од денот на усвојувањето на оваа Информација ќе формира стручна комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош во изработка на актите за културното наследство во Охридскиот Регион, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство.

Со заклучок на Владата им се укажува на општините Охрид, Струга и Дебарца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти или преземање мерки на непосредна заштита со кои непосредно или посредно се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот Регион задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови и задолжително да се постапува според насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Владата ги задолжи Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за животна средина, а им укажува на Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, на општините Охрид, Струга и Дебрца, во взаемна и постојана комуникација и со стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се со цел на зачувување на неговата исклучителна универзална вредност.

На оваа своја седница Владата го разгледа и прифати текстот на усогласениот Договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за изградба на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија и го овласти министерот за економија Крешник Бектеши во име на Владата да го потпише овој договор со Владата на Република Грција.

Со овој договор за заедничка изградба интерконекторот со Грција ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и на Југоисточна Европа со цел унапредување на диверзитетот и конкурентноста на снабдувањето со природен гас и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на регионот. Овие цели ќе се обезбедат и по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, како и преку обезбедување на потребните количества на природен гас за сите потрошувачи во регионот на Централна и на Југоисточна Европа (CESEC), вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.

На денешната седница Владата донесе одлука да отпочнат подготовки за спроведување серија активности по повод 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија.

Во насока на организирање на подготовките, согласно стандардите за одбележување значајни годишнини, ќе бидат формирани соодветни работни тела кои треба да ги обезбедат организацијата и спроведувањето на програмските активности за одбележување на 30-годишнината од независноста на Северна Македонија, како еден од најважните и најзначајни датуми и процеси од современата историја на нашата земја.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец март 2021 година и го задолжи Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26.03.2021 година, на кои им се препорачува да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мартовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.03.2021 година.

Банките готовинската исплата на пензии да ја организираат во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2021 година (понеделник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2021 година (вторник);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2021 година (среда); и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2021 година (четврток).
На денешната седница ја донесе одлуката утврдување на летното сметање на времето кое во 2021 година започнува на 28 март во 02:00 часот.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: