26 март 2021
Владата на Северна Македонија на 58-та седница што се одржа вечерва ја разгледа и усвои Информацијата за статусот на реализација на економски мерки за справување со КОВИД-19, која ќе биде доставена во Европската Комисија во прилог на одобрување на втората транша од 80 милиони евра за буџетска поддршка на мерките на Владата за справување со економските последици од ковид кризата.
Согласно анализата врз основа на која е направена оваа информација одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата беше брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население и имаше значително влијание кон ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти.
Во делот на платите, просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8%, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се: зголемувањето на нивото на минимална плата, владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто ќе извршат зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година. Мерката за финансиска помош на работодавците погодени од здравствената криза за исплата на плата влијаеше врз ублажување на надолниот тренд на раст на платите во текот на пандемијата. Според оваа информација, платите најмногу пораснаа во следните дејности: информации и комуникации, образование, здравство и социјална заштита, трговија, преработувачка индустрија и градежништво.
Владата го утврди конечниот текст на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк и донесе заклучок да биде доставен на усвојување во Собранието.
Како што веќе беше објавено, основната цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија - Национален парк, заради обезбедување на заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.
Министрите во Владата на оваа седница ја усвоија и Информацијата за имплементација на втора фаза на Проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој" кој ќе се спроведува со поддршка на Владата на Швајцарската конфедерација, и го задолжија Министерството за локална самоуправа да предвиди средствата за кофинансирање на оваа фаза од својот буџет кои во наредните три години, од 2022 до 2024 година е предвидено да бидат во висина од 2 милиони швајцарски франци како дополнување на 4-те милиони швајцарски франци за кои Амбасадата на Швајцарија во нашата земја испрати писмо на намери, наменети за реализација на втората фаза од овој проект.