26 април 2021
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, придружуван од заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, се сретна со Аднан Ајрула и уште неколкумина други претставници на Организациониот одбор на протести на земјоделците од општините Гази Баба и Арачиново.
На состанокот се разгледани можни решенија за обештетувања земјоделци, кои останале необештетени за настанати штети од невремето во овие општини во 2016 година и во 2018 година, поради правни пречки.
На средбата е договорено, утре, на владината седница, да биде утврдена постапката за обештетување на необештетените земјоделци од невремето во 2018 година, преку иницирање измени и дополнувања на Законот за заштита и спасување, што понатаму ќе оди на усвојување во Парламентот. За мал број необештетени земјоделци од невремето во 2016 година, е договорено правни експерти во Владата да ги разгледаат предметите и причините поради коишто досега било невозможно да се реши прашањето, со цел да се утврди дали има правен основ за решавање и на ова прашање.
„Има волја кај Владата да се изнајдат решенија за посочените прашања и има и пари во Буџетот за оваа намена. Клучно е да се утврдат можностите за обештетување согласно закон и сега сме на тоа посветени“, рече премиерот Заев.
Претставниците на засегнатите земјоделци се заблагодарија на претседателот на Владата Заев, на заменик-претседателот Битиќи и министерот Хоџа, за заложбите за решавање на овие важни прашања за земјоделците.