Од 68-та седница на Владата: Од 5 до 15 мај забраната за движење започнува во 23:00 и завршува во 05:00 часот; Формирано е координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал

4 мај 2021

Владата на Република Северна Македонија на денешната 68-ма седница донесе одлука согласно која од 5 мај, среда, забраната за движење со цел заштита од КОВИД-19 наместо од 21:00 часот, ќе започнува од 23:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наредниот ден. Мерката започнува да важи од 5 мај и ќе трае до 15 мај.

Соодветно на овие измени угостителските објекти ќе бидат отворени за гости до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.
 
Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви SARS-CoV-2.
 
На оваа седница Владата донесе одлука за формирање Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал 2020, одложено од минатата година, а кое ќе се одржи годинава. Координативното тело има за цел да ја помогне организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на фудбалската репрезентација на Северна Македонија на ова европско натпреварување.
 
Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот и состојбата на воздухопловите Ер Трактор - Фајр Бос АТ-802А на Дирекцијата за заштита и спасување, ја задолжи Дирекцијата да продолжи со постапката за годишно сервисирање на воздухопловите и донесе заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони.
 
Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го прифати усогласениот текст на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
 
Договорот за грант во висина од 8.258.792 американски долари е наменет за зајакнување на економска конкурентност, на проекти за зголемен придонес на младите во општеството, како и за проекти за сузбивање на корупција преку зголемена отчетност на јавниот сектор и со зајакнување на културата на отчетност кај граѓаните.
 
На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за градежно земјиште.
 
Со новото предложено решение им се овозможува на компаниите погодени од кризата произлезена од заразната болест КОВИД-19 ослободување од договорните обврски/казни (плаќање пенали) за договорите за отуѓување или давање под долготраен закуп по пат на јавно наддавање и анексите потпишани со единиците на локалната самоуправа заради објективна спреченост да ги реализираат градежните активности.
 
На 68-та седница Владата го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за одбрана на Република Чешка и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за техничка соработка за работи поврзани со ремонтот на транспортните хеликоптери со кои располагаат двете министерства и на кои во наредниот период треба да се изврши сервисирање, односно ремонт.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: