10 септември, 2017 година
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев заедно со министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима д-р Зоран Шапуриќ и министeрот задолжен за привлекување на странски инвестиции д-р Аднан Ќахил на конференција за медиумите, во врска со 100-те дена од работењето на Владата ги презентираше ветените и релизираните обврски, како и проектите кои се во тек.
Заменик претседателот на Владата, Анѓушев изјави дека Владата е силно посветена на спроведување на ветените обврски предвидени во владината програмa и во таа насока се спроведуваат мерки коишто значат враќање на парите кон граѓаните.
Тој потенцираше дека дадениот збор за враќањето на евтината дневна тарифа на струјата е реалност. Граѓаните заслужуваат и ќе ги почувствуваат придобивките од мерката веќе оваа зима, преку пониски сметки, заради тоа што ќе имаат можност да користат евтина тарифа и секој работен ден и сабота по два часа дневно.
„Тоа се до 8 милиони евра, на годишно ниво, вратени пари во џебовите на граѓаните на Република Македонија“ порача вицепремиерот Анѓушев и посочи дека изворот за финансирање на оваа мерка ќе биде од заштедите што ќе ги генерираат енергетските компании со домаќинско и одговорно работење.
Како особено важен, вицепремиерот Анѓушев го истакна донесувањето на новиот закон за енергетика на којшто веќе активно се работи, а посочи дека е обновена прекинатата соработка со Европската енергетска заедница. Соработката со Енергетската заедница ќе и биде од помош на Република Македонија да донесе европски закони за енергетика и енергетска ефикасност, кои ќе бидат во парламентарна процедура до крајот на годината.
„Тие закони ни одалеку не предвидуваат зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните. Тие закони предвидуваат намалено бесполезно трошење и намалување на регулираните дејности“ рече заменикот премиер Анѓушев и појасни дека регулирните дејности овозможуваат правење на непродуктивни трошоци што на крај ги плаќаат граѓаните.
Вицепремиерот Анѓушев ги презентираше последните оценки што Македонија ги добила од Европската енергетска заедница во однос на електричната енергија и природниот гас и споредбено со земјите од регионот истакна дека наследената стартна позиција на земјата со оценка од 1.5 е многу полоша во однос на земјите од регионот: Црна Гора која има две оценки 5, Србија со две оценки 5, Косово со две оценки 5, Албанија со две оценки 5, Украина со оценка 4 за електрична енергија и оценка 5 за природен гас. Тој истакна дека задача и цел на владата е за краток временски период со реформи, оценките да ги поправи во 5. Негова оценка е дека енергетските реформи се за доброто на граѓаните и во таа насока владата е силно посветена на спроведување реформите.
Во делот на гасификацијата, вицепремиерот Анѓушев ги презентираше цврстите заложби на владата за развивање на гасната инфраструктура во Република Македонија преку издржан концепт за тоа како државата да има алтернативен увоз на гас, за да не биде земјата зависна само од единственото поврзување со гас што во моментов го има и објасни дека само со алтернативен приод и конкурентен пазар Македонија ќе добие цена на природен гас по европски стандарди.
Вицепремиерот Анѓушев во делот за изградба на инфраструктурата посочи дека се отстрануваат затекнатите проблеми со автопатиштата. Владата ќе продолжи интензивно да работи на нивна реализиација и надминување на проблемита.
„Автопатот Миладиновце – Штип согласно договорот требаше да биде завршен на 1 мај 2017 година, јас прашувам која ја спречи претходната Влада да го заврши?“, запраша потпретседателот на Владата Анѓушев.
Во однос на странските инвестиции, вицепремиерот посочи дека тие ќе бидат испочитувани во рамки на договорите што ги имаат потпишано, ќе бидат поддржани од владата којашто работи како нивни добар партнер и рече дека направена е детална анализа за тоа колкав износ на буџетски средства се искористени за привлекување на странски инвестиции за што јавноста ќе биде дополнително информирана во следните денови, преку кумулативни бројки.
„Кога зборуваме за инклузивност се мисли дека ќе бидат поддржани сите останати економски субјекти во Македонија и за таа цел веќе е спремена програмата на Владата на Република Македонија за индустриски раст и зголемување на конкуретноста на македонската економија којашто ќе биде табиет на владата во економските политики“ посочи вицепремиерот Анѓушев.
Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев соопшти дека единствен и најважен критериум за сите компании да бидат подржани од државата е да прикажат пораст или како што посочи вицепремиерот согласно постигнатите резултати ќе бидат одвоени буџетски средства за поддршка, а исто така ќе има и мерки за поддршка на малите, средни и микро претпријатија.
„Ќе има фонд којшто ќе биде наменет за акцелератори на старт-ап компании по примерот на израелската економија, за којашто знаете дека е доминанта во тој дел и е прва во светот“ изјави вицепремиерот Анѓушев.
Поддршката за компаниите за развој и раст на економијата, изградба на квалитетна инфраструктура и реформите во енергетиката се трите области на кои Владата ќе биде фокусирана во својот мандат, заклучи вицепремиерот Анѓушев.