29 мај 2021
Премиерот Зоран Заев го претстави Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на прес-конференција на која присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски како и Крешник Бектеши, министер за економија.
Инвестиции во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра предвиде Владата со Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027.
Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Од овие средства 5 милијарди и 791 милиони евра се јавни инвестиции додека 2 милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции. Реализацијата на инвестиции е во согласност со деловните планови на инвеститорите односно буџетската рамка на Владата на Република Северна Македонија.
Во однос на распределбата на инвестициите по сектори, планирани се:
3,144 милијарди ЕУР во секторот енергетика;
2,729 милијарди ЕУР во секторот патна и железничка инфраструктура;
798 милиони евра во преработувачката индустрија;
300 милиони ЕУР во инвестиции за малопродажба;
500 милиони евра инвестиции во јавното здравство;
504 милиони евра во комунална инфраструктура - животна средина (прочистителни станици, селектирање на отпад и сл.);
200 милиони евра во туризмот.
Преку јасна стратегија и амбициозен план за инвестиции може да ја постигнеме целта за забрзување на економскиот раст и подобар животен стандард за сите граѓани.
Во продолжение обраќањето на премиерот Заев во целина за Интервентниот план за инвестиции (ИПИ 2021 - 2027):
„Почитувани граѓани,
Почитувани граѓани, претставници на медиумите,
Почитуван вицепремиер Битиќи, министри Бесими, Бочварски и Бектеши,
Владата во четврток навечер дискутираше и усвои еден план којшто навистина е сериозна намера работена долги месеци сѐ со конечна цел да ја искористиме секоја криза како можност и да ја пласираме нашата земја во предимство, односно во подобри позиции во позитивната конкуренција со целиот овој регион.
Се работи за Интервентен план за инвестиции 2021-2027 година, на којшто јас, ресорните министрите, работевме буквално од 1 септември од формирање на Владата. Покрај на здравствениот аспект на кризата бевме фокусирани на навремено подготвување на огромен број би рекол десетици и десетици проекти коишто дефинитивно треба да направат буст на македонската економија и навистина излезот од ковид кризата да го искористиме на најдобар можен начин во прилог на севкупниот економски раст во прилог на сите макроекономски проекции на Министерството за финансии, но како појдовна основа да го земеме Европскиот инвестиционен план, а имајќи ја предвид секако секторската стратегија на ЕУ и Националниот инвестициски комитет којшто дефинитивно ги разработи сите овие чекори.
Она коешто е важно од 9 милијарди од ЕУ некаде ни следуваат околу 900 милиони до милијарда евра и се зависи од капацитетот на нашите проекти, но основата на инвестициски план тргна токму од Европската инвестициска програма која што беше нешто коешто го охрабри целиот Западен Балкан во севкупниот recovery план на ЕУ, дел посветен и на Западен Балкан, меѓу кои и на Северна Македонија.
Сакам да се заблагодарам на сите економски министри и на сите институции што работеа на ова што сега ќе го претставиме, но и на сите останати ресори кои помагаа за да можеме да бидеме во една ваква фаза на презентација.
Сите овие проекти значат влез во финална фаза на правно разработување на самите проекти заради нивен старт, еден дел се веќе правно договорени и почнуваат со својата реализација, а еден дел се веќе реализираат како проекти. Значајно е тоа што еден дел од овие проекти доаѓаат од Собранието, еден дел ќе дојдат по пат на јавно приватно партнерство, еден значаен дел ќе одат под концесии, друг дел пак, се стандарди постапки и процедури од страна на државата. Важно е да даде прилог овде и опозицијата, затоа што ова е нешто коешто е во интерес на сите граѓани, но најважна е секако поддршката на граѓаните.
Инвестицискиот фокус е во следните сектори, енергетска инфраструктура, патна и железничка и гасоводна инфраструктура, отпадот и пречистителните станици во државата, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, комуналната инфраструктура, водоводи и канализации, туризам, но секако и многу други проекти.
Интервентниот инвестициски план или ИПИ 2021 - 2027 претставува јасен и одлучен пост ковид чекор навремено подготвен со кој излегуваме од пандемиската криза и со кој го трасираме патот на македонската економија, согласно светските трендови за обезбедување квалитетни услови за живот за секој наш граѓанин. Секоја криза е и можност, да го фатиме чекорот навремено и да бидеме навистина подобри од другите земји во регионот. Ова се клучни проекти и инвестиции во кои ги насочуваме сите капацитети на државата за да успеат проектите. За се ова ние треба поддршка како што реков од целиот наш народ, од институциите на системот, од опозицијата за да можеме во најголем процент од вака замислените и дизајнирани проекти да успеат.
Почитувани,
Верувам дека многу пластично ќе доловиме до јавноста за што всушност се работи. Пред завршна финална фаза сме на постигнување финален правен договор за инвестиција во скијачкиот центар Попова Шапка, во вредност од 50 плус 50 милиони евра. Проектот е согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а суштината е издавање на 99 години на еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа, за којшто името се уште останува доверливо, ред е самиот инвеститор да го објави тоа кога ќе биде одлучено. Се радуваме посебно на оваа инвестиција затоа што ќе даде нова димензија на туризмот, на зимскиот туризам пред се и нашата Шар Планина и Попова Шапка, ќе бидат нешто коешто ќе го смени имиџот на државата.
Ја развивме и завршена е студијата за ски туристички центар Царев Врв на Осоговските планини, по принцип на јавно приватно партнерство во вредност од околу 50 милиони евра. Верувам дека со развојот на првиот проект веднаш ќе продуцираме интерес и за вториот затоа што навистина претставува одлична скијачка дестинација.
Следен проект е германската инвестиција за 400 мегавати ветерна електрана во вредност од 500 милиони евра, инвестиција согласно законот за стратешки инвестиции. Инвеститорот го достави целиот пакет на документација во Владата и веќе завршуваат финалните преговори. Позитивно е тоа што овде немаме обврска ниту за фидинг тарифи, ниту за премиуми. Се работи за инвеститор кој има веќе 5 000 мегавати изградено од кои што овде на Балканот се 500 мега-вати ветеренци. Ќе направиме се да постигнеме договор и да влеземе во Парламентот со Законот за стратешки инвестиции.
Следна е 100 мегавати фотонапонска електрана. Вредност на инвестиција е 70 милиони евра, ова е постапка која успешно ја завршивме по пат на јавно приватно партнерство или издавање на концесии каде државата бараше најмалку 10% заради земјиштето и обврската за приклучок како и урбанизација на стариот јагленокоп во Осломеј да поставиме 100 мегавати фотонапонска централа со обврска инвеститорите да земат по 1 вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за да трајно ги обезбедиме тие наши сограѓани. На крајот добиваме 18% од едната компанија , 18,5% од другата компанија што ги помина сите наши очекувања, но веруваме тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи.
Следната, е преку Електрани на Северна Македонија и Националните енергетски ресурси, проектот Александруполи, вредноста е 400 милиони евра гасна електрична централа од 800 мегавати и 360 милиони евра терминал за природен гас. Нашиот удел е 10% во терминалот за природен гас и 25% во гасната централа во Александруполи во којшто ќе инвестираме 32 милиони евра. Убавината во гасниот терминал е тоа што има 178 милиони грант од ЕУ, каде што соодветно припаѓа грантот и на Северна Македонија.
Понатаму, фотонапонски електрани, сопствена инвестиција на државата 10 мегавати со во Кичево, во Осломеј, завршени се правните постапки изградбата ќе почне неделите пред нас.
Следно е одобрение со поддршка на ЕУ и ЕИП од инвестициски фонд за Западен Балкан, 10 мегавати во Осломеј и плус 2 пари по 10 мегавати во РЕК Битола, севкупната вредност на овие инвестиции е околу 28 милиони евра.
Фотонапонски централи што се реализираат веќе и дел во следниот период ќе продолжат да се реализираат во Македонски Брод и во Свети Николе на државните локации, но и на многу други привлечни локации пуштивме веќе и во Неготинско, во Брвеница и на други локации, за 60 мегавати вкупната вредност е некаде околу 40 милиони евра.
Фотонапонските централни во Кочани, исто така се приватни инвестиции на домашни компании, во вредност на инвестицијата од 5 милиони евра, завршени се постапките очекуваме почеток на изградба во следните неколку месеци.
Исто така, завршени се постапките и дадени се лиценци од страна на државата за трите регионални ветерни паркови, Богданци од 30 мегавати, инвестиција на ЕНЕРГО системи Словенија и Австрија, вредноста е 50 милиони евра. Втората е во Свети Николе од 36 мегавати добиена лиценца на домашен инвеститор, вкупната вредност е 60 милиони евра. Во текот на летото очекуваме и почеток на изградба и на ветерниот парк во Демир Капија, инвеститор е турска компанија која ги привршува своите постапки, вредноста на инвестицијата е 50 милиони евра за 30 мегавати ветерници.
Следно е големата надеж на енергетскиот сектор на Северна Македонија, а тоа е сопствена инвестиција која до крај ќе одлучиме дали е 100% наша инвестиција сопствена или ќе одиме со јавно приватно партнерство, но впечатокот е да одиме со сопствена инвестиција да остане 100% сопственост на државата. Станува збор за локацијата на порано предвидениот аеродром во Штип од 477 хектари комплетно државна сопственост во близина на големите трафостаници и далноводи, идеална локација на која што планираме меѓу 300 и 350 мегавати фотонапонска електрана, веројатно една од најголемите или ако не најголема на Балканот.
Самата инвестиција е 200 милиони евра, веруваме дека ќе најдеме начин на финансирање, без тоа да влијае на било кој начин на државниот долг. 350 мегавати се двата блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Битола работи на 175 мегавати, нормално овде фотонапонските централни не работат 24часа, работат додека има светлина.
За ТЕЦ Неготино ја очекуваме физибилити студијата во која ќе донесеме одлука дали ќе одиме по принцип на јавно приватно партнерство, концесија или продажба. Веројатно ќе биде јавно приватно партнерство, проект вреден околу 300 милиони евра. Инвестицијата треба да почне следната пролет дотогаш да се завршат сите правни постапки за самата оваа инвестиција, тоа е сериозен потенцијал на нови извори на енергија.
Следна, е инвестиција во енергија од отпад, преговараме веќе 7, 8 месеци со инвеститор од Луксембург кој што ни нуди можност инвестиција од 336 милиони евра со плазма за согорување односно без кислородно согорување на високи температури. Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак строго еколошка инвестиција и на неа и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот, но инвестицијата содржи 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици, дополнително 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво и не територијата на Општина Неготино. Овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74% од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 Општини. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, по пат на Законот за стратешки инвестиции.
Следна е веќе најавената инвестиција на „ЛИДЛ“ од Германија, неколку маркети во Скопје и уште во 7 други градови. Вредноста на инвестицијата е 300 милиони евра се преговараат во моментот локациите, прво во Скопје. Важно е што обврска на инвеститорот е за откуп и продажба на домашни земјоделски и кондиторски и секаков вид на производи кои се компетитивни за сите маркети на „ЛИДЛ“ во југоисточна Европа.
Следно е клиничкиот центар во Ѓорче Петров, вредноста е 500 милиони евра со можност да добиеме грант од ЕУ преку Европскиот Инвестициски Фонд или план од 250 милиони евра односно 50% и овде уште еднаш апелираме до опозицијата, кога ќе влеземе во Парламентот, со овој проект да го разгледа како можност, отворени сме да дадат свои сугестии, дополнувања и измени на Законот, да учествуваат во програмските единици за имплементација, па дури и со свое мнозинство во контролата, замислата е да имаме и трета страна компании кои ќе ја утврдуваат вистинитоста на цените за овој огромен капитален проект.
Влегуваме во втора фаза на историскиот „Чебрен“, инвестиција на ЕСМ, по пат на јавно приватно партнерство. Девет компании поминаа во првата фаза, се работи за инвестиција меѓу 500 и 800 милиони евра, ја квалификувавме како 600 милиони евра каде што очекуваме сериозно учество на ЕСМ со повеќе од 30% и веруваме заради условите кои ги нудиме овој пат дека оваа инвестиција ќе успее затоа што е регионална батерија, атрактивна и примамлива за многу светски компании од 9 компании имаме 2 кинески, 2 турски и 5 се европски џиновски компании.
Следниот е гасна електрана когенератор во постојниот Клинички центар, приватна инвестиција од 54 мегавати, вредноста е 20 милиони евра.
Следната е големата инвестиција, домашна македонска за фабрика за производство на македонски челик со целосно еколошка документација и дополнително 50 мегавати фотонапонска електрана, вредноста е 250 милиони евра, се работи за комплетно германска опрема со сите еколошки сертификати.
Инвестицијата е по пат на Законот за стратешки инвестиции каде што очекуваме поддршка од сите затоа што се работи за извонреден проект за најмодерна технологија, еколошки заокружена и треба да генерира производство од пола милијарда евра извоз во периодот којшто пред стои откако ќе биде пуштена во употреба. Државата овде ќе вложи 25 милиони евра.
Следен проект е проекцијата за гасна електрана во РЕК Битола од 200 мегавати, вредност на инвестицијата е 100 милиони евра ако стартуваме навреме со овој проект, веднаш сакаме да надоградиме дополнителни 200 мегавати како втора фаза во севкупниот план за затворањето на јаглените централни во периодот 2028, 2029, 2030 година, согласно европските укажувања.
Верувам дека целиот овој период ќе успееме максимално да инвестираме во сите овие обновливи извори на енергија, граѓаните да не изгубат работно место, а во соодветен временски период согласно овој ИПИ 2021-2027 да успееме дури и пред земји членки на ЕУ да ги затвориме јаглените електрани.
Уште еднаш напоменувам инвестициите во обновливите извори на енергија, треба да знаат сите како што е насекаде во светот ќе ги чинат граѓани, заради тоа што ако сакаме здрава зелена енергија, таа се плаќа поскапо и нормално државата ќе развие планови за социјално помагање на сиромашните граѓани преку посебни програми каде што директно ќе интервенираме за нивното поднесување на сите нови политики околу либерализацијата на енергетиката во Северна Македонија и идниот раст на цените на струјата.
Оваа година не очекуваме раст на цените на струјата, затоа што имаме соодветни политики за да правиме меко спуштање на либерализацијата во време кога приватните компании се во слободниот пазар и не го покриваат тој гап што се јавуваше во покритието на цените на домаќинствата, но со соодветни стратегии поставени од државата веруваме дека ќе развиеме одлична стратегија која ќе предизвика огромни во милијарди евра инвестиции во фотонапонски централи за да можеме соодветно да направиме транзиција на енергетскиот сектор во Северна Македонија.
Следна е 70 мегавати фотонапонска централа на ЕФТ Србија, проект кој е доставен до МЕ и комисијата која ја води МЕ вредноста е над 50 милиони евра сакаме настап по пат на законот за стратешки инвестиции на локација во Св. Николе, веруваме дека дефинитивно ќе можеме да успееме да придонесеме во севкупниот сектор на обновливи извори на енергија.
Понатаму, инвестиција во електрична централа на Биомаса од остатоци од дрво во Крива Паланка од 12 мегавати, вредност на инвестицијата 50 милиони евра.
Одржливата или зелената енергија е меѓу нашите приоритети за тоа потврдуваат и резултатите од меѓународните енергетски организации, а тоа е дека Северна Македонија е на врвот во регионот по искористеност на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производство на енергија од обновливи извори на 827 мегавати што претставува раст од 10,1% и во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%.
Следни се проектите од патната, железничката, гасоводната инфраструктура како и комуналната инфраструктура. Ќе стартуваме до крајот на оваа година со пречистителната станица за отпадни води во Скопје, проект вреден 136 милиони евра каде што очекуваме некаде над 70 милиони евра грант од ЕУ. Фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот регион, 37 милиони евра од ЕУ каде што е формирано заедничкото комунално претпријатие за управување со депонијата односно со новата фабрика во Свети Николе, верувам дека до крајот на годината можеме да стартуваме со изградба на овој значаен проект. Се работи за огромен број општини од Штипскиот и Кумановскиот регион. Изградба на колектори за прочистување на отпадни води во Битола, вредност од 30 милиони евра грант до ЕУ со 15% државно финансирање. Тендерот ќе биде објавен во текот на јуни месец, се надеваме успешен тендер. Следен е колекторот за отпадни води во Кичево, проект 14 милиони евра или 13,8 милиони евра, кој ќе биде тендериран исто така во текот на јуни, со грант од ЕУ со 15% државно финансирање. Очекуваме почеток на изградба да биде крајот на годината или почетокот на 2022 и секако изградба на прочистителни станица за отпадни води во Тетово, проект вреден 32 милиони евра, донација од ЕУ со 15% државно финансирање.
Почитувани,
Во тек е изградба на акумулации, пред почеток на градба се работи за акумулацијата или браната Речани Кочанско, равен речица Гостивар, Коњско Гевгелија, Слупчанска брана, акумулацијата Штип, вредноста на сите овие брани или акумулации е 100 милиони евра.
Следен проект е Вардарска долина во вредноста е 25 милиони евра само за следната трета фаза. Топловодната мрежа за Битола, Новаци и Могила проект со KFW Банката, вреден 35 милиони евра е пред избор на изведувач. Очекуваме летото најдоцна есента да почне да се развива топловодната мрежа.
Железничката пруга Куманово до границата со Бугарија, трите фази се 600 милиони евра имаме донација од Европскиот инвестициски фонд, прво обезбедени се 68 милиони преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, од самитот во Трст и дополнително 60 милиони евра од следниот Самит. Очекуваме на овие 600 милиони евра да имаме грант од ЕУ, до завршување на 280 милиони евра. Експресниот пат Штип – Радовиш е во вредност 54 милиони евра во изградбата, 65% е подготвен за употреба средината на јуни ќе го пуштиме во употреба. Втората фаза продолжува, до септември 2022 веруваме дека и втората фаза ќе ја пуштиме.
Експресниот пат Крупиште- Кочани е во вредност 37 милиони евра, 50% го пуштивме во употреба, сега се реализира делницата Крупиште- Кочани, експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, вредноста на двете подделници е околу 40милиони евра, избрани се изведувачите, имаме успешни тендерски постапки очекуваме потпишување на договорите за да може оваа многу значајна делница да почне уште ова лето да се изведува.
Автопатот Скопје - Блаце, вредност од 120 милиони евра, еден од првите приоритети во патната инфраструктура во државата од стратешки интерес заради Косово, голем наш трговски партнер, а во Косовскиот дел е изграден веќе автопатот заврши првата делница на тендерот, а македонската компанија „Гранит“ го доби тендерот.
Во поглед на Гасификацијата, завршување на националниот гасовод и заокружување на прстените од Битола-Ресен-Охрид-Струга и другата страна Гостивар-Кичево-Струга заокружување на самиот прстен отпочнување на изградбата на интерконекторот со Грција и дополнително во следниот период во овој плански период следи изградба на интерконекотори со Косово и со Србија. Вкупно е околу 200 милиони евра каде очекуваме 25% грант од ЕУ.
Следното е втората фаза на јавно приватно партнерство за изградба на терцијалната гасоводна мрежа во сите градови во Северна Македонија. Овие денови Владата донесе одлука за почеток на избор на правен трансакциски советник за да можеме да поминеме во втората фаза, а првата фаза ја поминаа две турски компании АКСА и ПАНЕЛ, вредноста на проектот е 300 милиони евра концесијата е околу 30 години.
Експресниот пат Битола – Меџитлија, вредноста е 50 милиони евра, стандардна процедура за избор на изведувач, очекуваме објавување на тендер за да може да се избере изведувач. Понатаму, железничката пруга Кичево - граница со Албанија, имаме документација, главен проект, физибилити студија, во вредност од 520 милиони евра. Понатаму, автопат Гостивар – Букојчани; Букојчани – Кичево; Струга - Ќафасан и Тетово – Гостивар, вредноста на проектот е 500 милиони евра согласно законот за стратешки инвестиции. Автопатот Битола – Прилеп, вредноста на проектот е 130 милиони евра, исто така со посебен закон во самиот парламент.
63 милиони имаме дополнителни делници на експресни регионални патишта, Куманово – Страцин, 12 милиони; Крива Паланка 10 милиони евра, Петровец - Катланово 7 милиони, како и во другите региони во државата, севкупно 63 милиони евра.
Овде мора да го наговестиме тоа што веќе е почнато со изведба, а допрва ќе се реализира поголемиот дел, а тоа е програмата со Светска Банка за изградба на локални патишта, вредна 70 милиони евра. Ќе ја додадеме и ТАВ програмата, 35 милиони евра за изградба на водоводи и канализации, а и дополнително ЕИБ преку екологија за изградба на водоводи и канализации, вкупно 50 милиони евра.
Патната инфраструктура е некаде околу 1,6 милијарди евра, железничката е 1, 120 милиони евра, гасната инфраструктура е 200 милиони евра наши инвестиции и 300 милиони евра јавно приватно партнерство или концесиите и канализациите и водоводите се 35 милиони евра преку Министерство за транспорт и врски и 50 милиони преку Министерство за животна средина и просторно планирање.
Странските инвеститори и во услови на пандемија продолжуваат да инвестираат во земјава, се зголемува извозот и се најавени нови големи инвестициски циклуси.
Во оваа прилика сакам да ги најавам земјите и секторите на новите инвестиции кои претстојат. Станува збор за неколку компании од Германија, од Белгија, САД, Швајцарија, Турција, Холандија, Словенија и други кои инвестираат во ТИРЗ-овите во Северна Македонија од повеќе индустриски сектори, како фармацијата, автомобилската, прехранбената, градежната индустрија, бројлерското производство, но и други области.
Ова значи отворање нови работни места во сите региони, достоинствени плати, внес на нова технологија, раст на извозот и на севкупната економија.
Ќе ги набројам:
- Компанија од Германија, фабрика за амбалажа во фармацевтска индустрија, вредност на инвестицијата 120 милиони евра, нови работни места 180, ТИРЗ Скопје 2;
- Мултинационална компанија, проширување со нов објект, вредност на инвестицијата 17 милиони евра, нови работни места 100, ТИРЗ Скопје 1;
- Компанија од Италија, проширување со нов објект , вредност на инвестицијата 10 милиони евра нови работни места 50, ТИРЗ Скопје 3;
- Компанија од Германија, Проширување на производството, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 510, ТИРЗ Струга,
- Компанија од Германија, нова инвестиција и плус проширување во Битола, вредност на инвестицијата 30 милиони евра плус 26 милиони евра проширувањето во Битола, нови работни места 3000 плус 1230 во Битола, ТИРЗ Скопје 3;
- Компанија од Германија, нов погон во Куманово, вредноста на инвестицијата 16 милиони евра нови работни места 1000, Куманово индустриска зона;
- Компанија од Канада, производство на ретровизори за автомобили, вредност на инвестицијата 32 милиони евра, нови работни места 900, Индустриска зона Струга;
- Фарми за производство на бројлери, живинарски фарми на 11 локации, вредност на инвестицијата 20 милиони евра, нови работни места 1000, започната во функција 30% а остатокот се гради;
- Компанија од Турција, производствен капацитет, вредност на инвестицијата 12 милиони евра, нови работни места 215, ТИРЗ Скопје;
- Компанија од Германија, нов производствен погон, вредност на инвестицијата 5 милиони евра, нови работни места 100, ТИРЗ Скопје 2;
- Мултинационална компанија, проширување на производство, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 960, ТИРЗ Кичево;
- Мултинационална компанија, проширување на производство, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 30, ТИРЗ Скопје 1;
- Компанија од САД, нов производствен погон, вредност на инвестицијата 13 милиони евра, нови работни места 880, ТИРЗ Тетово;
- Компанија од Белгија, развоен и истражувачки центар, вредност на инвестицијата 1 милион евра, нови работни места 15, ТИРЗ Скопје 1;
- Компанија од Германија, нов производствен погон, вредност на инвестицијата 35 милиони евра, нови работни места 120, ИЗ Охрид;
- Компанија од Германија, нов производствен погон, вредност на инвестицијата 15 милиони евра, нови работни места 100;
- Компанија од САД, неколку нови проекти, вредност на инвестицијата за сите е 80 милиони евра, најновиот погон е 28 милиони евра, нови работни места 57, ТИРЗ Скопје 2;
- Мултинационална компанија, нов проект, вредност на инвестицијата 20 милиони евра, нови работни места 300, ТИРЗ Скопје 1;
- Компанија од САД, Производство на метална опрема, вредност на инвестицијата 13 милиони евра, нови работни места 80, ИЗ Жабени Битола;
- Компанија од Швајцарија, производство биотехнологија, вредност на инвестицијата, 18 милиони евра, нови работни места 125, ИЗ Скопје;
- Компанија од Турција, три производни линии под еден кров, вредност на инвестицијата 2 милиони евра, ИЗ Прилеп;
- Компанија од Турција, производство на градежни материјали, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 120, ТИРЗ Скопје;
- Компанија од МКД, производство прехрана, вредност 5 милиони евра, нови работни места 100, ТИРЗ Прилеп;
- Компанија од МКД, производствен погон, вредност 2 милиони евра, нови работни места 194, Прилеп;
- Германска компанија, нов ДАТА Центар, вредност 20 милиони евра, нови работни места 35, Скопје;
- Компанија од Холандија, погон за козметички и хигиенски средства, вредност 10 милиони евра, нови работни места 188;
- Германска компанија, автомобилски делови, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 600, ТИРЗ Скопје;
- Компанија од Словенија, автомобилски делови, вредност на инвестицијата 7 милиони евра, нови работни места 450, Скопје;
- Компанија од Словенија, нов производствен погон, вредност на инвестицијата 30 милиони евра, нови работни места 120, ИЗ Пробиштип.
Вкупната вредност на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 изнесува повеќе од 8 милијарди евра, најголем дел се приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии, јавни-приватни партнерства, се заедно вкупно 4,2 милијарди евра. Државни пари од сопствен буџет, дел се кредитните линии коишто се обезбедени за кој до ден денеска се зборува за јавниот и државниот долг, се инвестиции кои допрва се реализираат парите и кредитите се потпишани и се бележи јавен долг се повеќе од 3,8 милијарди евра што значи заедно надминуваме 8 милијарди евра инвестиции.
За ефикасна реализација на ИПИ 2021-2027 ќе биде формирана единица за следење на инвестиции која ќе претставува координативна група од јавниот и приватниот сектор и ќе биде одговорна за раководење со процедурите за справување на Интервентниот план за јавни приватни инвестиции. На ова ќе надоврзам комплетно генерирање на стратегии за можност за изградба на фотонапонски централни на приватни индивидуалните куќи со посебно разработени програми, дополнителни програми за зголемување на енергетската ефикасност.
Силно верувам дека здравствената криза одминува и дека само со работа и искрени намери и труд ќе има подобри услови и постојано подобрување на животниот стандард за сите македонски граѓани. Владата е тука да даде мотив и поддршка за економска стабилност, за раст и развој на нашата држава, за мирен и стабилен живот на нашиот народ.
Сето ова е комплетно комплементарно поклопено со сите наши фискални стратегии под раководство на Министерството за финансии и економските ресори. Верувам дека како сериозен бустинг или импетус на развојот на нашата економија ќе може навистина да го смени севкупниот имиџ, да го подигнеме економскиот стандард на граѓаните, БДП и севкупниот извоз во Северна Македонија.
Ви благодарам на вниманието.“
Линк до видео од прес конференцијата на македонски јазик
Линк до видео од прес конференцијата на албански јазик