6 јули 2021
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и владиниот економски тим, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-министерот за економија Зоран Маневски, заедно со директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, денеска попладне одржаа средба со врвот на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески.
На работната средба, во неколкучасовната дискусија, се разговараше за предизвиците, со кои се соочува економијата во земјата и регионот и се дискутираше за поединечни предлози и решенија кои директно би помогнале за надминување на последиците од здравствено-економска криза предизвикана од вирусот КОВИД-19 и подобрување на условите за водење бизнис во државата.
На работниот состанок, на покана на Стопанската комора на Северна Македонија, премиерот Заев истакна интерес за клучните теми за кои разговараа претставниците на бизнис заедницата, а кои се однесуваа на одржување континуиран и ефикасен дијалог меѓу Владата како креатор на економските политики и бизнис секторот, со што преку препознавање на потенцијалите на економијата се обезбедуваат мерките за забрзување на економскиот раст.
„Сакам денеска да ви испратам порака, дека од Владата ја имате постојаната поддршка. Нашиот фокус е на домашните компании, кај кои гледаме огромен потенцијал во обезбедувањето нови работни места, постојана плата и пораст на Бруто домашниот производ (БДП). Ваквите средби се добредојдени, бидејќи потребно е заедно да ги лоцираме потешкотиите во вашето работење и да ги отстраниме“, рече премиерот Заев на средбата со претставниците на бизнис заедницата.
На средбата се разговараше за повеќе мерки кои за Стопанската комора, која годинава ќе прослави 100 години коморско постоење, се приоритетни и за кои како што беше нагласено заедно со Владата, ќе се следи нивната имплементација.
Како една од клучните стратешки определби на Владата беше истакната реализацијата на националниот гасоводен систем при што двете страни во денешната работна средба се согласија дека целосната реализација на овој проект е од исклучително значење за стопанството како краен потрошувач, кој на овој начин ќе добие поевтин енергенс, пониски трошоци, и ќе се обезбеди заштита на животната средина и поголема конкурентност на странските пазари.
И Владата и Стопанската комора се согласија дека е посебно важно при поврзувањето на регионалните гасоводни системи, како и при изградба на дистрибутивните системи за природен гас, да се стави приоритет за пуштање во употреба на веќе изградените гасоводни мрежи.
Како една од приоритетните мерки која наиде на одобрување кај претставниците на приватниот бизнис сектор, беше повикот на премиерот Заев и неговиот економски тим, бизнис заедницата да се вклучи со вложувања во обновливи извори на енергија и поддршка на зелени инвестиции во јавниот сектор, кои ќе придонесат за намалување на загадувањето, притоа потенцирајќи дека Владата со Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027, планира јавни и приватни инвестиции согласно сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата.
Бизнисмените изразија задоволство од Програмата за поддршка на инвестициите, притоа истакнувајќи ја потребата за запознавање на претпријатијата со можностите за користење на мерките за поддршка на истражувањето, иновациите и развојот за обезбедување поголема мотивација за нивна имплементација во конкретни производи.
И бизнисмените и Владата се согласија дека како една од клучните мерки за обезбедување зголемени инвестиции е неопходно кратење на сите административни бариери во процесот на издавање на градежните дозволи потребни за компаниите.
Премиерот Заев, заедно со членовите на Владата, информираа дека се преземаат мерки и се носат одлуки со цел реализација на активностите на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година.
На работната средба се разговараше и за унапредување на работењето на Управата за јавни приходи, и кај останатите државни институции кои имаат инспекциски надлежности, и нивно унапредување, јакнење на капацитетите и дигитализација.
На средбата, беше предложено и да се обезбеди во иднина прецизно дефинирање на временската рамка за измени во даночниот систем, односно измените во сферата на даночните давачки да се носат и комуницираат со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година.
Од страна на Стопанската комора беше предложено донесените измени да имаат одложено дејство, односно да почнат да важат од 1 јануари во наредната календарска година.
На барање на бизнис заедницата премиерот Заев информираше дека Владата останува транспарентна и одлучна во борбата со лажните вести и се залага за искористување на сите капацитети во таа насока, со цел обезбедување демократска и слободна општествена средина.
На денешната повеќечасовна работна средба беше повторена заложбата на Владата постојано да се носат мерки во насока на подобрување на инвеститорската клима, при што беше истакнато дека и во време на економско-здравствена криза извозот се задржа на 6,5 проценти, што е позитивна вест во однос на подобрување на севкупниот економски раст во државата. За таа цел се преземаат мерки за ублажување на ефектите од пандемијата на краток рок, како и планирање за економски раст на среден и долг рок.
Премиерот Заев порача дека Владата има слух за домашните инвеститори и ваквите средби како денешните помагаат на партнерството со бизнис заедницата во креирањето и спроведувањето на владините позитивни економски политики, кои носат резултати.