3 Септември 2021 година
Реновираниот центар Бит-пазар прераснува во најголемиот пазар во државата, место каде може да се најде „сé на едно место“, беше истакнато на денешниот настан по повод отворањето на новата инвестиција во износ од 250 милиони денари на Скопски пазар АД – Скопје.
Премиерот Зоран Заев во своето воведно обраќање истакна дека Владата ги поддржува капиталните инвестиции, кои имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на граѓаните.
„Упатувам честитки за современиот изглед на традиционалниот Бит-пазар, позициониран на стратешка локација со излез на најфреквентниот пат кој ги поврзува Општина Чаир со Општина Центар. Владата создава услови за развој и подобрување на деловниот амбиент, за сите претпријатија, микро, мали, средни и големи, истите да растат и да бидат двигатели во своите општини. Развиени општини, значат силна економија. Продолжуваме континуирано да се залагаме за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво. Со буџетски средства и со поддршка на меѓународните финансиски институции спроведуваме проекти конкретно насочени кон развој на општините. Дополнително, позитивната слика за деловниот амбиент се токму новите инвестиции од приватниот сектор, како во случајот инвестицијата на Скопски пазар. Нашата главна цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот како на централно, така и на локално ниво. За само 4 години изградени се: 60 градинки, 80 училишта, 56 објекти за полицијата и 34 здравствени установи. Дополнително се градат над 1.040 километри патишта - автопати, магистрални и регионални патишта“, истакна премиерот Заев.
Првиот вицепремиер Артан Груби во своето обраќање истакна дека Скопје денес е тоа што секогаш сме сонувале да го имаме, едно за сите, и лево, и десно, сепак цело, а не наше и ваше.
„Честитки и до Висар и Петре заради тоа што градат заедништво и иднина, а не минато и поделби. Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој што долги години функционираше би рекол како импровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Бит-пазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија е препознатливо место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат“, истакна вицепремиерот Груби.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, истакна дека оваа инвестиција е од огромно значење за нашиот град, бидејќи претставува огромен чекор напред и во уредувањето на овој простор кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за нашите сограѓани кои секојдневно ги користат нивните услуги.
„Град Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговци и Еснафот на Старата скопска чаршија, како што знаете, подолго време се обидувавме да воспоставиме ред на хаосот кој се случуваше на јавните површини, а пред сé тротоарите и велосипедските патеки околу пазарот. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување на нова урбана опрема, жардинери, заштитни столпчиња, како и обнова на булеварското зеленило на бул. „Крсте Петков Мисирков“, кој исто така го реконструиравме од Мавровка до Бит-пазар“, рече Шилегов.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу истакна дека оваа инвестиција е крајно добредојдена за нашите граѓани, за нашиот Чаир, за бизнисите што ќе работат тука.
„Ветуваме и исполнуваме. Со оваа единствена реченица би го опишал пуштањето во употреба на новиот и реконструиран капацитет на Бит-пазар. Денес сме сведоци на успешна инвестиција во нашата Општина Чаир, која тежи не помалку од 250 милиони денари. Но, она што дава уште поголема тежина се создадените паркинг места кои ќе помагаат многу во олеснување на сообраќајот“, потенцираше Ганиу.
Младен Дамев, генерален директор на Скопски пазар се заблагодари на соработката со општината, Градот Скопје како и со Владата и истакна дека со реконструкцијата се опфатени 630 тезги и 175 локали, кои се целосно реновирани и дизајнирани да ги задоволат потребите на купувачите за секаков вид трговска стока.
„Со оваа инвестиција се комплетира обемната развојна инвестициона програма и претставува квалитативно менување на функционалноста и изгледот на Бит-пазар во еден современ стопански пазаришен центар. При исполнување на зацртаната цел, ова што денес го гледаме тука, приоритетно ни беше со ефективно искористување на овој и така атрактивен деловен простор, да создадеме центар кој ќе ги задоволи потребите на купувачите и корисниците. Постигнавме значајно зголемување на понудата со добра и услуги на пазарот, притоа овозможувајќи комплетни услови за лесно достапно и безбедно пазарење. И ова е само почеток на обемниот инвестициски циклус, со кој ќе го обележиме големиот јубилеј 70 години Скопски пазар АД Скопје”, истакна Дамев.
Согласно информациите на менаџментот на Скопски пазар, моментално исполнетоста на Бит-пазар со отворени тезги и дуќани, изнесува 97% од вкупниот капацитет, а дневно низ пазарот циркулираат околу 20.000 граѓани. Со овие капацитети Бит-пазар важи за најголемиот и најмодерниот пазар во државата и центар на трговскиот живот во градот.
Линк до видео со инсерти од посетата на реновираниот центар Бит-пазар
Линк до видео од обраќањето на премиерот Заев