Од средбата на премиерот Заев со висока делегација на ЕБОР: Приоритетите на земјата ја ставаат Северна Македонија на специјално место во програмите на банката за поддршка на развојните проекти

6 Септември 2021 година


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска прими делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која денеска и утре учествува на меѓународната конференција „Економско заздравување и раст по Ковид” во организација на Министерството за финансии.

Јирген Ригтеринк, првиот заменик-претседател на банката, кој ја предводеше делегацијата на ЕБОР, која е во Скопје на високо ниво, придружуван од директорот на ЕБОР за Северна Македонија, Холандија, НР Кина, Монголија и Ерменија, од Шарлота Руе, директорка во ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Матео Коланџели, директор за Западен Балкан, Сузан Герансон, директорка на групата на ЕБОР Инфра Европа и Одржлива инфраструктура, и Анди Аранитаси, шефот на канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, изрази благодарност за можноста висок тим на претставници на менаџерскиот тим да учествува на конференцијата во Скопје и истакна дека банката до сега во проекти во земјата има вложени две милијарди евра, од кои само во последните четири години повеќе од 500 милиони евра.

Овој посебен интерес на ЕБОР, нагласи на средбата првиот заменик-претседател на банката Ригтеринк, е резултат на проектите што земјата ги понуди за поддршка и што беа препознаени како развојни и во согласност со политиките на Брисел за исполнување на стандардите на земјите кандидати за членство ЕУ.

Премиерот Заев на средбата ја изрази благодарноста на Владата и на граѓаните на Република Северна Македонија за финансиската поддршка на европеизацијата на земјата во широк аспект на области и потенцираше дека таа поддршка има многу значајно место во економските и финансиските остварувања на земјата и претставува признание за политиките на земјата за поттикнување на развојот според европските критериуми.

Претседателот на Владата, Зоран Заев пред високата делегација на ЕБОР ги претстави приоритетите на земјата во наредниот период со посебна нагласка на инвестициите во енергетските капацитети со обновливите извори и во транзицијата на земјата од фосилни горива во зелена енергија, особено во соларната, во ветерните електрани, како и во гасификацијата во сите нејзини аспекти.

Делегацијата на ЕБОР покажа особено одобрување на проектите поврзани со дигитализацијата, посебно во делот на зајакнување на капацитетите на јавната администрацијата и правосудството во борбата со корупцијата, како во делот на капиталните инфраструктурни проекти во рамките на Коридорот 8.

На средбата на премиерот Заев со заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, со делегацијата на Европската банка за обнова и развој, нејзините претставници истакнаа дека приоритетите на Северна Македонија ја ставаат земјата на специјално место во политиките за поддршка на банката

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: