7 септември 2021
Владата на Република Северна Македонија на денешната 104-та седница донесе Одлука за начинот на користење и одржување на службените возила, како уште една мерка за рационално користење на службените ствари и буџетските средства.
Со оваа одлука која е донесена на предлог на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се утврдува начинот на користење и одржување на службените возила кои се во сопственост, односно се користат во министерствата и другите органи на државната управа, се утврдуваат корисниците на тие возила и начинот на користење од страна на корисниците носители на јавни функции именувани од Владата, и од страна на останатите вработени во државната управа со овластувања за користење возила за службени потреби.
Со оваа одлука ќе се воспостави унифициран и единствен начин на користење и одржување на службените возила со цел спречување на злоупотреба на ова право од страна на носителите на јавни функции и вработени во државната управа.
Одредени исклучоци од оваа одлука се утврдени во делот на службените возила во сопственост на Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
На оваа седница е усвоена и информацијата за потребата од потпишување на Договорот за воспоставување на електронски систем за поднесување на електронски поплаки и пријави поврзани со услугите кон јавната администрација.
Електронскиот систем за поднесување пријави, претставки и предлози ќе овозможи граѓаните и правните лица во секое време да пријават сомнежи за корупција во органи на државната управа, како и да пријават проблеми во постапки за добивање определена услуга.
Системот е предвидено да се имплементира како посебен модул во рамките на Националниот портал за електронски услуги преку кој граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за било која услуга, институција, како најавени корисници, анонимно и со можност за евидентирање на пријавата и преку телефон.
Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со претстојниот Самит на Министри посветен на железници, во организација на Постојниот Секретаријат на Транспортната заедница, во соработка со Европската Инвестициона Банка и Европската Банка за обнова и развој, и го овласти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, да ја потпише декларацијата „Самит на Министри посветен на железниците - Пругите се иднината“.
Оваа декларација, меѓу другото, предвидува повторно воспоставување на директни меѓуградски експресни возни врски помеѓу главните градови на Западен Балкан и ЕУ, за да се воспостави подобра поврзаност за деловните субјекти и луѓето, дигитализацијата на железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување на размена на податоци за прекуграничен превоз на патници и товарен транспорт до крајот на 2025 година, како и склучување „One Stop Go“ договори меѓу сите регионални партнери и соседните земји на ЕУ за сите железнички гранични премини до четвртиот квартал на 2023 година, со цел да се олеснат процедурите за граничен премин за патници и товар.
На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност со кој се уредува системот на контролата на сите извори на јонизирачко зрачење, како и заштитата на населението и околината од изложеност или потенцијална изложеност на јонизирачко зрачење.
Со Законот се уредува и постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, како и спроведувањето на мерките за радијациона сигурност и нуклеарна безбедност.
Во предлог-законот се предвидува како оператор како оператор за складирање и безбедно управување со радиоактивен отпад да се утврди Институтот за јавно здравје како најстручна и најсоодветна институција во оваа област.