8 септември 2021
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на централниот дел од свечената програма по повод одбележувањето на 30-годишнината од независноста на нашата земја.
Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
„Почитувани граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија,
Почитуван Претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски,
Почитуван потпретседател на Собранието Горан Мисовски,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани пратеници,
Високи претставници на правосудството,
Почитувани градоначалници,
Почитувани пратеници на првиот парламентарен состав во Собранието,
Почитувани претседатели и министри во претходните влади,
Почитувани претставници на Сојузот на борците,
Почитувани претставници на општествените и граѓанските организации,
Почитувани претставници на верските заедници,
Почитувани членови на дипломатскиот кор во земјата,
Почитувани гости, дами и господа, другари и другарки, браќа и сестри,
Нека нѝ е честит јубилејот – 30 години независност. Нека нѝ се вековити самостојноста и државата.
Сограѓани и сограѓанки,
Денеска славиме еден од најсветите и најсветлите датуми од историјата на нашата земја – 8 Септември, Денот на независноста.
Свети најсилно овој свет празник. Свети од сите Македонци и Македонки кои ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата држава. Силно е осветлен 8 Септември и од сите неброени припадници на сите етнички заедници кои заедно со своите сограѓани, соседи и пријатели, ја споделуваа идејата и определбата за своја, наша, заедничка држава.
Најсветол е затоа што пламенот за создавање на државност што Македонците и Македонките го носеа во себе го одржуваа жив со силна поддршка на Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други. Силен и постојан е огнот кој постојано се храни од различните искри и пламени.
Тој оган во душите на неброени генерации се разгоре од искрата на идејата дека самосвеста за јасната национална определеност треба да живее, да расте и да се развива во своја, сопствена држава.
Таа идеја низ вековите никој не можеше ни да ја сопре, ниту да ја сотре. Гинеа за неа илјадници наши претходници, прадедовци, дедовци, татковци и браќа, мајки и сестри, другарки и другари – и таа остана жива.
Затоа што се чуваше во срцето, во душата и се хранеше од визијата за самостојна македонска држава.
Нема подобар чувар на една таква идеја.
Во зората на создавањето на новите држави во Европа, на крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога на масите во Париз, Виена, Берлин и Лондон, се исцртуваа нови граници на стариот континент, раката на геостратезите запираше на местото на мапата каде што силно пулсираше идејата за создавање на македонската држава.
Тогаш не сакаа да го слушнат гласот за потребата Македонците на Балканот да ја добијат својата држава и да го исполнат својот сон и продолжија да ги исцртуваат границите на државите какви што ги определија според силата и според исходот на војните.
Македонскиот народ никогаш не водеше освојувачки војни. Водеше и организираше отпор и револуционерни борби за национална слобода и правда за вековниот стремеж за своја држава.
Водеше борба на интелектуалното поле, на културни натпревари и со аргументите на идејата за своја држава, за македонските работи, во македонските литературни кружоци. Визиите, идеите, мислите, мирољубието и великодушноста, отсекогаш беа најсилните оружја на македонскиот народ здружен со своите браќа и другари од сите други народи од нашиот заеднички дом.
И идејата остана да живее. Огнот на таа идеја никој не успеа да го запрета, иако од многу страни се обидоа да го направат тоа.
И не требаше многу време да помине. Само неколку децении подоцна, кога државите од стариот континент и останатите сојузнички сили во Втората светска војна ја победија најголемата закана за човештвото – фашизмот, и кога од пепелот на воената пустош се издигнуваше нова Европа – тогаш идејата за македонска држава стана реалност – бидејќи идејата беше чиста, силна, пламенита, европска, светска, космополитска.
Немаше никаква дилема - нашите народи застанаа на вистинската страна. На страната на прогресивните, антифашистички сили.
Македонците и припадниците на сите етнички заедници се бореа и гинеа на страната на сојузничките сили кои решија да се обединат и да му застанат на патот на фашистичките окупаторски сили.
Втората светска војна на територијата на Македонија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви. За своја држава – не за туѓи интереси и во туѓи униформи.
Вечна им слава и почит.
Со учеството на припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба во антифашистичката голема светска војна на територијата на Македонија, се заокружи и историската борба за државноста на нашата земја.
Пред тоа, првиот Илинден и Крушевската република беа силен татнеж во борбата за слобода и човечки правдини. Симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедувања.
Вториот Илинден и првото заседание на АСНОМ во 1944, е симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, за создавање слободна и суверена држава Македонија, со македонски службен јазик.
Со двете заседанија на АСНОМ се заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.
За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите.
Дом на слободата, на различните и еднаквите, како што е денеска напредна и прогресивна Европа.
Почитувани мои сограѓани,
Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи.
Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава.
Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста.
Нашата историја е исполнета со историски личности кои даваат белег во идентитетот на тоа што сме денеска. Но нивната големина не била и останала само на нивните дела, во нивното време. Нивните дела и денеска се живи, а нивниот светол придонес во државотворниот процес е вграден и во периодот на осамостојувањето и градењето на независноста на нашата држава.
Оваа плејада од достојни личности ни го даде најдоброто. Тоа за кое животот се посветува. Тоа за кое животот се дава. Тоа е преголем и прескапоцен дар.
На тоа наследство достојно за гордост, во пресудни моменти, кога се решаваа историски прашања, граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки. Направија вистински и исправни избори.
Од најдоброто од минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина.
Македонска и европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите наши граѓани, ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Да си ги чуваме светите, историските, илинденските и слободарските моменти од минатото, да се ослободиме целосно од стравовите и мрачните сеќавања. Тоа го можеме, веќе покажавме дека знаеме како.
Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас.
Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Пред 30 години, на 8 септември, идеалот, кој за многу генерации беше само мечта, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, стана реалност.
Народот на тогашна Република Македонија донесе историска одлука на референдум, и со масовна излезност рече - Да независност и ДА за суверенитет.
Тоа беше уште едно храбро и одлучно соочување со историјата и со околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт.
Но, и во еден таков период, дојде до израз силната верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава.
Народот го сочува мирот во земјата и ја прогласи за самостојна својата држава.
Токму нам, на сегашните генерации ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава.
Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски свет.
Денес, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво.
Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.
Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели - членството во НАТО.
Нашето државно знаме развиорено во кругот на знамињата на нашите НАТО сојузници е силен говорник за реализацијата на една од нашите најважни стратешки цели за државата зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.
Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Определба којашто секогаш имала силна поддршка од нашиот народ и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации политичари, професионалци од јавната администрација и од војската со години беа посветени и се вградија во остварувањето на оваа наша заедничка стратешка цел.
Членството во НАТО е најголемиот придонес на нашата генерација за нашата безбедност и стабилност. Најсилна гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.
На масата за одлуки седиме заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.
За втората цел, членството во ЕУ, имаме безусловна препорака за старт на преговорите со Европската Унија.
Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Имаме серија исклучително позитивни извешти од Европската комисија за реформскиот напредок. Според тие извештаи ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. И најважно од се, постојано и забрзано се европеизираме. Секој ден, се повеќе.
Сега Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност.
Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба и успешната приказна на Северна Македонија започна да го менува наративот за Балканот.
Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Балкан на пријателство и соработка и без предрасуди. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво. Тоа е и Отворен Балкан.
Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката.
Никогаш нема да заборавиме: Во еден период бевме заробено општество, изолирана држава. Стоевме во место, скарани со демократскиот свет. Денеска сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет.
Граѓаните на нашата земја не дозволија големиот јубилеј – 30 години независност – да го дочекаме како заробено општество.
Народот се избори за граѓанските вредности и слободата и демократијата повторно се на пиедесталот.
Во овој период од 30 години независна држава, за која првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров нѝ остави аманет да ја чуваме како штотуку засадена фиданка, не престанавме да ја полеваме со најважните состојки за нејзиниот живот – со демократија и слобода. Бевме и продолжуваме да бидеме двигатели. Мнозинството од нас. На тоа не учеше и Никола Кљусев, првиот премиер во самостојна Република Македонија кој го мотивираше индивидуалниот ангажман кај секој од нас говорејќи дека секој човек е градител, носител и уривач на својата среќа, на своите радости и на своите тегоби и страдања, на својата судбина. На истекот на третата деценија, ние денес сведочиме дека во Северна Македонија предничи и води изградбата наспроти тегобата.
И како наследници на Борис Трајковски, нашиот покоен претседател, нема да отстапиме од неговата визија за мир и за просперитет. А, за да имаме постојан мир и просперитет не смееме и нема никогаш да отстапиме од принципот дека државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој граѓанин на нашата држава. Толку колку што се слободни и независни сите општествени чинители: правосудството, медиумите, институциите и граѓанските здруженија, заради потребата од контрола и рамнотежа.
Обновата не демократијата и на демократските институции, денес ја зајакнува кохезијата во нашето општество и го издвојува приоритетот за обединување за да ги оствариме врвните државни интереси и главните национални приоритети.
Градиме општество во кое што сите се еднакви и исто вредат.
Со љубов и со верба за иднината на нашата земја, продолжуваме заедно да ја градиме нашата земја како едно и еднакво општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање. Општество на мир и просперитет.
Нашите учебници по историја и општество никогаш нема да фатат прашина затоа што нашата изградба и нашиот развој се постојани и затоа што секој ден имаме нови заеднички остварувања и нови постигнувања. Ние постојано испишуваме историја. Постојано се потсетуваме на онаа историја што ја создаваа нашите претходници и постојано испишуваме нови страници со настани и теми што НИЕ ги создаваме. Што ги создаваат Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други без исклучок.
Овие нови, современи страници од историјата ги пишуваме НИЕ, секој од нас, секој од вас, а не некој друг.
Почитувани мои сограѓани,
И во нашиот Устав, вие граѓаните напишавте дека наша обврска е да ги афирмираме вредностите и да го засилиме спроведувањето на обврските со кои е определено дека Северна Македонија на сите свои граѓани ќе им обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Општествата каде има поголема еднаквост се поуспешни. Во такви општества економијата функционира подобро, образовниот систем е поефикасен, во просек, луѓето се поздрави, живеат подолго и се посреќни со можностите кои им ги нуди животот.
Овие вредности се израз на грижата за граѓаните. Овие вредности се наша света обврска.
Во таа насока, нашите главни државни политики остануваат поддршката на здравствениот сектор како прв приоритет во време кога ние и целиот свет се соочува со пандемијата со КОВИД-19.
Паралелно, нашата следна цел е економско заздравување и економски раст преку мерки за социјално ранливи категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места.
Нашиот трет приоритет е непречено финансирање на функции на државата, на социјалните обврски кон нашите граѓани и давање постојан и силен отпор кон корупцијата и неправдите.
Денес, Денот на независноста и јубилејот 30 години независност го одбележуваме во посебни околности. Околности кои ги предизвика пандемијата со КОВИД-19 на која треба да гледаме како на уште една битка за победа.
Времето секојдневно потврдува дека единствениот успешен начин да се справиме со оваа закана е масовната вакцинација.
Да го прифатиме тоа за да се собереме повторно и да бидеме заедно во дружбите и традициите што ги негуваме.
Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци... Почитувани Бугари, Хрвати, Црногорци, Грци, Еѓипќани, Словенци и сите други,
Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја загрејат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила.
Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството.
Ние сме за напред! Постојано напред!
Такви да си ги дочекаме сите идни годишнини со нови успеси.
Нека ни е честит јубилејот – 30 години независност. Нека ни се вековити самостојноста и државата.
Да живее Република Северна Македонија!“
Видео од обраќањето на премиерот Зоран Заев: