Националната развојна стратегија 2021 - 2041 ќе даде јасна визија за сигурна иднина за нас и нашите деца

13 септември 2021


Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП и Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Република Северна Македонија денеска одржаа средба со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски за усогласување на единствен пристап кон изготвување на документот за долгорочната развојна стратегија на Република Северна Македонија.

На состанокот се разговараше за усогласување и синхронизација на преземената иницијатива од страна на претседателот Пендаровски „МКД2030“ со процесот на креирање на „Националната развојна стратегија 2021-2041“.
 
На средбата беше усогласено дека „НРС 2021-2041“ и „МКД2030“ претставуваат единствен сеопфатен процес за долгорочно планирање, следење и надградување, во коj се и ќе продолжат да бидат вклучени претставници од сите сегменти во општеството.
 
Беше подвлечено дека оперативната структура на процесот, која обезбедува вклученост на највисоко политичко, административно, научно, бизнис и општествено ниво, ќе ја води Национален совет за развој, со кој ќе претседава Претседателот на државата.

 
Во овој совет ќе учествуваат и Претседателот на Владата и Претседателот на Собранието, претставници на политичките партии, како и претставници од академијата, бизнисот, работниците, граѓанскиот сектор и младите.

Во првата фаза на проектот беше изготвена модерна и иновативна методологија, додека во втората фаза ќе се формулира стратегијата. Обете фази, до сега, се финансиски поддржани од Обединетото Кралство. Проектот се спроведува со техничка поддршка од страна на  Програмата за развој на Обединетите Нации УНДП и со активно учество на Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН преку која ќе се стави во функција колективното знаење и искуство на сите агенции на ОН во земјата.

Методологијата е инспирирана од современи и иновативни модели на развој, адаптирани на домашниот контекст и базирани на широка и значајна консултација со сите засегната страни. Со тоа ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе. Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој, а ќе се развие и комуникациска стратегија и електронска платформа, за да се вклучат размислувањата на што повеќе клучни чинители во процесот.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: