16 септември 2021
Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, денеска е домаќин на Владата на Република Косово која во полн состав денеска пристигна во Скопје, предводена од премиерот Албин Курти по повод одржувањето на заедничката меѓувладина седница.
Премиерот Зоран Заев го пречека неговиот колега Албин Курти на платото пред Владата на Република Северна Македонија, каде што, во присуство на членовите на двете влади, се одржа церемонијата на пречек со највисоки воено-државни почести.
Претседателите на владите на двете земји потоа се повлекоа на тет-а-тет средба во кабинетот на премиерот Зоран Заев, а министрите до почетокот на заедничката седница одржаа повеќе билатерални средби.
На заедничката седница што ќе следува потоа, меѓу другото, ќе бидат потпишани договори и меморандуми за инфраструктурното поврзување на двете земји за олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, како и други меморандуми и програми кои опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.
Заедничката седница на двете влади доаѓа како потврда за одличните пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во насока надградување на заемните интереси на двете земји и за споделувањето на заедничките определби за поинтензивна регионална соработка.
Работниот дел од посетата на Владата на Република Косово на нашата земја ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Зоран Заев и Албин Курти.
Линк до видео со инсерти од пречекот на владината косовска делегација од страна на премиерот Заев: