5 октомври 2021
Владата на Република Северна Македонија на денешната 109-та редовна седница ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата со шумските пожари на територијата на Република Северна Македонија, со пресек од 2019 до 15.08.2021 година.
Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите согласно редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП „Национални шуми“, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421, 2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување.
Дополнително, Владата му препорача на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во координација со Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“, да ги разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување.
На оваа седница Владата го разгледа и го усвои Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст: политики, препораки, мерки и индикатори, и ги задолжи буџетските корисници да ги спроведуваат и почитуваат мерките и препораките од Планот, чија цел е фискална консолидација, насочена кон поддршка на макроекономската стабилност и забрзување и раст на националната економија.
Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти:
- Подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата;
- Намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите;
- Промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции.
На денешната седница се утврдени текстовите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личното име, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Северна Македонија, и на Предлог-законот за дополнување на Законот за матичен број, коишто се во надлежност на Министерство за внатрешни работи.
Станува збор за закони кои се дел од националното законодавство во кои ќе се имплементираат предвидените процеси за дигитализација во пракса, потребна е истовремена и координирана измена на повеќе прописи.
Со предвидените измени и дополнувања ќе се изврши и хармонизација со Поглавје 10 на Европската Унија, што претставува основа за почеток на дигитализација во нашата држава и целосна имплементација на концептот е-Влада, на начин што обезбедуваат меѓусебна комуникација на институциите со бизнис секторот и со граѓаните.
Владата денеска ја разгледа и усвои Стратегијата за градење отпорност и справување со хибридни закани и придружниот Акциски план.
Целта на оваа стратегија е создавање заедничка свест за природата на хибридните закани, мапирање на обврските и носителите, идентификување на начините за делување, како и креирање ресурси за градење национална отпорност со ангажирање на целокупното општество (whole – of – society approach), што подразбира и изградба на општество подготвено за рана детекција, за одговор и брзо заздравување, со учество на сите релевантни чинители во справувањето со хибридните закани.
На оваа седница е разгледан и прифатен текстот на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Швајцарската конфедерација, претставувана од Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија/Швајцарска Агенција за развој и соработка (СДЦ) за спроведување на Проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој II фаза“.
Втората фаза од овој проект ќе се спроведува од октомври 2021 до септември 2025 година и негова главна цел е намалување на нееднаквостите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони.
За реализацијата на овој проект Швајцарската агенција за развој и соработка издвојува 4 милиони швајцарски франци, а Министерството за локална самоуправа ќе учествува со кофинансирање во висина од 2 милиони швајцарски франци.