15 Октомври 2021 година
Во Владата на Република Северна Македонија беше потпишан Договорот за грант за консултантски услуги, како и Договорот за надзорен инженер за претстојната изведба на градежните работи на источниот дел од железничкиот Коридор 8, фаза 1, што се однесува на делницата Куманово – Бељаковце и на фаза 2 која ја опфаќа делницата Бељаковце – Крива Паланка.
Договорот за грант го потпишаа директорот на ЈП за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“, Хари Локвенец, и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој, Анди Аранитаси, а Договорот за надзорен инженер беше потпишан исто така од страна на директорот на ЈП за железничка инфраструктура „Железници“ Локвенец и Паоло Орсини, претставникот на конзорциумот предводен од ИРД Инжинеринг.
На настанот на кој беа потпишани овие договори беа присутни и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Грант средствата за консултантски услуги за надзорен инженер се доделени преку заедничкиот фонд на Фондот за инвестиции на Западен Балкан (WBIF) и во истиот има компонента од заемот на ЕБОР за реконструкција и изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка.
По спроведената тендерска постапка за избор на надзорен инженер на градежните работите на двете железнички делници од Коридорот 8, понудата на конзорциумот составен од 4 компании: IRD Engineering S.r.l.(Италија), VI.TRA Engineering S.r.l. (Италија), Neti Danışmanlık İnşaat Ltd. (Турција) и D2 Consult International GmbH (Австрија) е евалуирана како економски и квалитативно најповолна. Износот на договорот за надзорен инженер е 4,8 милиони евра, со времетраење од 39 месеци од денот на почеток на градежните работи.
Постапката за избор на изведувач за двете фази од Источниот дел на железничкиот Коридор 8 е во фаза на квалификација и кандидатите од кратката листа треба да ги достават своите понуди најдоцна до 15.11.2021 година, по што следи фазата на евалуација и избор на економска најповолна понуда.