19 Октомври 2021 година
Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 113-та седница, меѓу другото, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, усвои измени и дополнувања на ковид протоколите за работата на угостителските објекти (кафетерии и објекти за исхрана).
Со овие измени и дополнувања се укинува ограничувањето на максимално дозволениот број на лица на една маса во кафетериите, рестораните и во рестораните на хотелите, како во отворените така и во затворените делови на овие угостителски објекти.
Дополнително е усвоена и измена на ограничувањето на исполнетоста на капацитетите на овие угостителски објекти, односно ограничувањето на бројот на гости во затворениот дел од објектот, како и во отворениот дел е до најмногу 50% искористеност на капацитетот на објектите.
За угостителските објекти за организирање прослави, веселби и свадби, остануваат во сила постојните мерки и протоколи.
Владата разгледа и усвои Информација во врска со процесот на доставување предлог проект до глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој при Обединетите нации и го задолжи заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, до Канцеларијата на Постојниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, да го достави Писмото на намери за кофинансирање на предлог проектот „Зелен финансиски фонд за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата против климатските промени во Северна Македонија“.
На оваа седница Владата го разгледа и прифати Извештајот за завршените преговори и го прифати усогласениот текст на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Со оваа спогодба се обезбедува целосен континуитет на трговските односи меѓу двете држави, на начин и во обем кој тековно се реализира, откако после Брегзит, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска нема да е обврзана со договорите на Европската Унија.
Дополнително, предложените дополнувања на Спогодбата нема да имаат импликации на примената на Договорот за социјално осигурување од 1958 година, односно со Спогодбата не ги загрозува правата од областа на здравствена заштита на осигурените лица од двете држави.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец октомври 2021 година, и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.10.2021 година.
Со овие препораки деловните банки ќе обезбедат пензионерите да може да располагаат со октомвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.10.2021 година.
Готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ја организираат во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.10.2021 година (вторник);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.10.2021 година (среда);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.10.2021 година (четврток); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.10.2021 година (петок).