30 Ноември 2021 година
Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 122-ра седница го утврди текстот на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 врз производството и откупот на земјоделски производи.
Нa предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со ова законско решение се уредуваат условите, корисниците, висината како и постапката за доделување на финансиска поддршка за намалување на последиците врз производството, откупот на јаболко и ориз предизвикани од пандемијата.
Финансиската поддршка за намалување на последиците врз производството и откупот на јаболко и ориз се состои од:
- Поддршка по килограм за произведено јаболко кое во периодот од 15 септември 2021 година до 15 декември 2021 година е предадено кај регистриран откупувач или преработувач на земјоделски производи за преработка или за извоз најмалку преку еден откупувач, во висина од 3 денари по килограм.
- Поддршка по килограм за производство на оризова арпа од род 2020/2021 година која во периодот од 1 јануари до 15 декември е произведена и предадена на регистриран откупувач запишан во Регистарот на откупувачи или преработена во сопствениот преработувачки капацитет, во висина од 3 денари по килограм.
На оваа своја седница Владата го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата врз производството, откупот на грозје и винската индустрија со дополнување со нови корисници на финансиската поддршка и тоа:
- Поддршка по килограм за произведено винско грозје кое во периодот од 15 август 2021 година до 31 октомври 2021 година е предадено кај регистриран откупувач на винско грозје за производство на вино или за извоз на винско грозје во висина од 3 денари по килограм.
Во насока на стимулација на интересот за вакцинација за заштита од КОВИД-19 и за спречување на ширењето на пандемијата, Владата денеска донесе одлука за еднократна финансиска награда во висина од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70% со вакцинација на своите пациенти од вкупниот број запишани кај нив.
На предлог на Комисијата за именување, на денешната седница проф. д-р Владо Бучковски е именуван за специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, со што практично му е продолжен мандатот кој истекува на 1 декември 2021 година.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата денеска донесе Одлука за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите.
Со 14,9 милиони денари предвидени со оваа програма ќе се финансираат повеќе инфраструктурни проекти во ромските заедници во Крива Паланка, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Ранковце, Делчево и Шуто Оризари.
На денешната седница е донесена Одлука за намалување на увозните давачки - царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи до 30.06.2022 година.
Намалувањето на увозните давачки е на нивото на царинските стапки на Европската унија со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.
На денешната седница Владата донесе одлука за отворање почесен конзулат на Република Србија во нашата земја, со седиште во Куманово. За почесен конзул Владата го одобри Владимир Стајиќ.