18 Февруари 2022 година
Денеска, во Владата на Република Северна Македонија се одржа првиот отворен дијалог за новата методологија која ќе понуди одржлив и континуиран раст на пензиите во иднина. Воедно, се очекува методологијата да ја одржи постигнатата стабилност на Пензискиот фонд.
Анализите ќе овозможат да се дефинира моделот и методологијата на покачување на пензиите, а процесот ќе се одвива низ отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни, исто како што се одвиваше и процесот врзан за покачување на минималната плата.
На средбата во Владата присуствуваа претставници од Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери како и Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На средбата беше потенцирано значењето на социјалниот дијалог како форма преку која се решаваат сите клучни прашања во државата и во кој сите засегнати страни имаат право да го искажат својот став, да дадат сугестија и активно да учествуваат во носењето на одлуките.
„Ова значи придобивка за околу 330.000 наши граѓани, пензионери. Создаваме методологија, систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение на долг рок“, истакна Битиќи.
„Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост, пристоен и мирен живот во своите зрели години. Затоа што речиси целиот свој живот придонесувале за нашата држава и сега е моментот кога ние треба да им возвратиме за целиот нивен влог“, рече министерката Тренчевска.
Таа се осврна и на досегашните политики на Владата на Северна Македонија, со кои пензионерите добиваат редовно законско усогласување на пензиите два пати во годината согласно растот на трошоците за живот и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%. Јануарските пензии оваа година беа зголемени за 2.9%, што е најголемо зголемување досега.
На средбата, вицепремиерот Битиќи истакна дека грижата за пензионерите е еден од приоритетите на оваа Влада и затоа, и во време на пандемија покрај редовната исплата, пензиите се исплаќаат и предвремено во групи, со цел заштита од ширење на заразата од КОВИД-19.
Предлозите за креирање на новата методологија за континуиран раст на пензиите ќе бидат разгледани и дискусијата за ова прашање ќе продолжи во периодот кој следува, со цел да дојдеме до најиздржаното решение кое ќе донесе одржлив раст на пензиите на долг рок.
Линк до видео инсерти од дијалогот за континуиран раст на пензиите