22 Февруари 2022 година
Од 16-та седница на Владата: Владата ја определи висината на највисоката трговска маржа за основните прехранбени производи; Проширена листата на производи со замрзнати цени; Исплатата на февруарските пензии ќе започне на 24 овој месец
Владата на Република Северна Македонија на денешната 16-та седница ја донесе Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки со која се замрзнуваат цените на дополнителни продукти како што се овошјето, зеленчукот и пченицата и се определува највисоката трговска маржа за да се елиминираат можностите за раст на цените по други основи.
Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата со следните производи: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица, овошје и зеленчук.
На трговските друштва и трговците поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на наведените стоки се утврдува трговска маржа до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 10% на продажната цена пресметана во трговијата на мало.
Кај трговците на големо, трговската маржа до 5% се однесува за сите учесници кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо.
Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10% се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).
Оваа одлука ќе се применува од 1 март 2022 година до 31 мај 2022 година, заради потребата да се ограничи растот на цените во следните три месеци, односно трговската маржа да нема значајно влијание во растот на цените по престанувањето на важењето на одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
На оваа своја седница Владата донесе измени и дополнување на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, со цел на сите баратели да им се овозможи еднаков третман при примањето на финансиската поддршка на месечно ниво по корисник во времетраење од 12 месеци.
Според овие промени најголем дел од вкупните буџетски средства за оваа намена ќе бидат определени за категоријата самец, со 2767 барања, а потоа соодветно намалени за категоријата двочлено домаќинство со 2105 барања, за тричлено домаќинство со 602 барања, за домаќинствата со четири члена со 612 барања, и за домаќинство со пет и повеќе члена за којашто стигнаа 453.
Владата на Северна Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и го задолжи Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции, да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Северна Македонија при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
На денешната седница е разгледан и прифатен Извештајот за првата меѓународна конференција во рамки на проектот Преспа форум за дијалог, а Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги спроведе сите активности за организирање на втората меѓународна конференција Преспа форум за дијалог во текот на 2022 година.
Вториот Преспа форум за дијалог начелно се планира да биде одржан, во форма на меѓународна конференција, во Охрид, во јуни 2022 година со учество на највисоките политички претставници на државата, на претседатели на држави или влади, политичари и дипломати од висок ранг од државите од регионот и од други европски и воневропски држави, како и на претставници на меѓународни и регионални организации - ООН, ЕУ, НАТО, Советот на Европа, ОБСЕ, Советот за регионална соработка, ЦЕИ и други.
На предвидените панели предвидено е присуство и на видни личности од академската, бизнис и медиумската заедница, граѓанскиот сектор и младинските организации.
На денешната седница е разгледана и усвоен усогласениот текст на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање на Културно-информативни центри во Скопје и во Белград која треба да ја потпише министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Владата на оваа седница ја усвои информацијата според која февруарските пензии ќе бидат предвреме подготвени за готовинска исплата во четири групи почнувајќи од 24 февруари 2022 година до 01 март 2022 година, а средствата за пензиите преку банкомати и трговска мрежа да бидат достапни од 24 февруари 2022 година.
Готовинската исплата на пензиите ќе се спроведе во четири групи (во 4 денови) во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно следниот распоред:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 24.02.2022 година (четврток);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 25.02.2022 година (петок);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.02.2022 година (понеделник); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.03.2022 година (вторник).