Анѓушев и Сугарески на средба со МЖ транспорт – Наследена е тешка финансиска состојба, Владата бара долгорочно решение за надминување на проблемите

07 февруари, 2018 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија д-р Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски м-р Горан Сугарески, денес остварија средба со раководството на Македонски железници транспорт А.Д. Скопје.

На средбата беше направен пресек на работата како и презентација на моменталната состојба на претпријатието од страна на претседателот на управниот одбор и генерален директор Љубиша Ристиќ.

Направените анализи покажуваат дека е наследена тешка финанска состојба, која произлегува од непродуктини трошоци и несоодветни инвестиции кои не послужиле за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста, напротив создале дополнителен финансиски товар за претпријатието, што резултира со зголемување на долговите и загубите на акционерското друштво.

Утврдено е дека постојат повеќегодишни  проблеми со кои се соочува МЖ транспорт, недомаќинско работење и несервисирање на долговите, што довело до загрозување на ликвидноста на компанијата.

По направениот пресек, на состанокот, вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески разгледуваа опции и предложија потенцијални решенија за надминување на состојбата. Едно од предложените краткорочни решенија е да се репарираат постоечките вагони со што ќе се зголеми транспортниот капацитет на стоки преку железницата, со што железничкиот транспорт би станал поефикасен и поатрактивен за компаниите кои увезуваат или извезуваат производи, со што би се зголемиле приходите на МЖ транспорт и би се подобрила ликвидноста на претпријатието

English
АКТУЕЛНОСТИ: